Интервју со Мартин Јованоски: Анксиозноста е крик и силна волја за живот

Тимот на Крајбрежје имаше чест да си поразговара со Мартин Јованоски, кој на пошироката јавност ѝ е познат по својата книга „Зошто јас?“, во која го опишува своето искуство со анксиозноста и по тоа што секогаш отворено зборува за својата борба со стравот и со паничните напади.

За тоа колку е важно себеприфаќањето, колку се тешки и исцрпни борбите со нерационалните стравови, ама и за емоциите, за поезијата и нашите несовршености, прочитајте што има да каже Мартин во интервјуто што следува.

Здраво Мартин, особено задоволство ни претставува што имаме шанса да си поразговараме со тебе. Може да ни кажеш нешто повеќе за себе? Кој е Мартин Јованоски?

 Благодарам Krajbrezhje.mk, ви благодарам за вниманието, за шансата и интересот. Мартин е обичен, едноставен и скромен. Така најчесто ме опишуваат другите, тоа особено ми се допаѓа. Така сакам и да остане. Пред недела дена наполнив 33 години, дупла скорпија инаку, за оние што се по хороскопот. Роден сум и живеам во Скопје, завршив во Корчагин, дипломирав и магистрирав економија, а последниве 10 години работам како овластен сметководител во постојниот семеен бизнис.

Пред 2 години дадов дел од себе на читателската публика таму надвор. Оној најскриениот, оној дел кој ретко кој го споделува со останатите. Без скриени намери, без очекувања и без товар, едноставно преку пишаниот збор подадов рака на сите оние кои макар еднаш почувствувале како е да си поразличен, да потонеш, да паднеш и да останеш долу некое време, да се бориш со сопствениот ум, со сопствените мисли и стравови. Однапред да бидеш осуден за нешто што не си го направил… На мое големо задоволство, сите ја разбраа пораката. Илјадници читаа и читаат, книгата стигна секаде во Македонија, до последното ќоше. Некому олеснуваме, многумина си го најдоа сопствениот мир, за мене поголема награда од тоа не постои!

Како дојде до идејата твоето искуство,како ја нарекуваш ти, со твојата најверна партнерка, анксиозноста, да го преточиш во книга? 

Хартијата трпи сè, единствено хартијата… Немав веќе кому да говорам, бев исплашен, изгубен, бев лут и сам…неверојатно сам!

Особено таа вечер кога почнав да ја пишувам “Зошто јас?”. Тогаш всушност и си признав себеси дека веќе и немам каде и позади кого да се сокријам, дека го истрошив и последниот џокер. Фрлив сè и останав сам. Немаше ни луѓе, ни апчиња, ни нови места за бегство. Сам си останав. Јас и еден стар тефтер. Решив нему да му раскажам сè, ама баш сè, без глума, без лажни насмевки, евтини театри и лоши шминки.

Сè натаму беше моја желба…тешка борба на мигови, ама секоја битка ја добив, без нималку неизвесност. Решив уште на стартот, ќе подадам рака на тие што почувствувале, ќе дадам сè од себе да извадам макар неколкумина од темнините. И ќе одам докрај, што и да е потребно…

Што мислиш, дали анксиозноста е крик и силна волја за живот, а дали депресијата е сосема спротивна состојба на анксиозноста? 

Да, ќе се согласам. Иако, на моменти се толку слични. Знаете, честопати ист е лекот. И за анксиозноста, и за депресијата… Борбата сам со себе, криењето, држењето во себе…молкот кога сè одвнатре вришти, лажните насмевки кога сè одвнатре се распаѓа… тоа е тоа, таа е болката ! Кога сите би сфатиле и не би осудувале, би било многу полесно. Инаку да, ми се допаѓа таа реченица погоре. Анксиозноста е крик, моќен крик одвнатре и силна волја за живот. Тоа е голема вистина!

И по две години од излегување од печат на твојата прва книга ,,Зошто јас?”, интересот за неа и реакциите на читателите не стивнуваат. Дали твојата книга има тајна состојка? 

Има! Емоција! Искреност и емоција, чиста, едноставна… И мислам дека баш тоа ја издвои од останатите. И затоа до ден денес е присутна. Знаете, не знам како треба да одговорам на ова. Секој автор си го гледа делото како свое дете, заштитнички и често различно од читателската публика. Едноставно, од првите редови сте го сведочеле создавањето, сте ги почувствувале сите кризи, прашања и дилеми. И да, кога говорите за своето чедо, скоро секогаш сте пристрасен. Сепак, мојот одговор е емоција. Чиста, длабока емоција и еден куп несовршености, баш она што денес ужасно многу ни фали.

Во книгата споменуваш вистински ликови од твојот живот, кои ти помогнале и сакале да го раскинат твоето партнерство со анксиозноста и со нападите на паника. Дали мислиш дека тоа би можел да го стори некој друг освен самите ние? 

Уфф не!

Никој освен ние самите…

Тоа е само наша задача. Голема предност е поддршката од околината, меѓутоа, резот мораме да го направиме ние сами. Тоа е оној нов почеток, оној клик длабоко во нас, кога едноставно ви светнува. И почнувате да го гледате светот баш онаков каков што е. И конечно ги симнувате камшиците долу наземи.

Треба само доволно да ве умори, доволно да ве исцрпи, доволно да ве здоболи…како сакате кажете го. Едноставно, поинаку гледате кога сте долу на дното. Кога не можете да се справите со сопствените мисли, со сите неброени стравови кои упорно, константно, ви го напаѓаат сопствениот мир, кога секое секојдневие е ништо повеќе од ужасна, крвава борба самиот со себе, уште еден ден во најстрогиот затвор на светот, оној без ниедна решетка на себе.

Покрај проза, знаеме дека пишуваш и поезија. Од каде црпиш инспирација за стиховите? Кои ти се лично твои омилени стихови?

Да, пишувам поезија. Веќе три години. Си пишувам за своја душа, споделувам со останатите преку социјалните медиуми. И сега, тука имам толку многу да говорам, толку работи сакам да ви кажам, ама ќе бидам краток. Само неколку реченици…

Поезијата е магична! Ништо, ама баш ништо на светов не може да ти ја зоврие крвта како вистинскиот стих, во вистински миг прочитан. Пишуваш за љубови и страсти, пишуваш за слобода, копнееш, се надеваш, живееш, жив се чувствуваш, некому пораки испраќаш… И ако си добар, ќе измамиш по некоја солза ил насмевка, ќе избегаш од рутините, маките и секојдневието, и што е најдобро…ќе си понесеш и некој со себе! Поети…поети ни се потребни многу повеќе ! Никој освен нив за љубов не говори, никој освен нив не пробува светов подобар да го направи!

Што се однесува до омилени стихови, ќе споделам со вас нешто што во еден здив го напишав…

Велат, на постела ќе знаеш…
Онаа последната,
Онаа од која никој не се кренал
Ќе знаеш дал е доволно,
Дал вредело,
Дал си давал,
Дал си земал,
Дал нешто по себе ќе оставиш.
И најмногу од сè,
Дал доволно си направил

Ќе се сеќаваш на љубови,
Ќе плачеш на удари,
Ќе мечтаеш по мигови…
Ама ќе знаеш…
Сè ќе знаеш!
И макар еднаш во животот,
Мирно ќе е, умот ќе стиши,
Душа мачна ќе си одмори

Ја замислив и јас таа постела,
Онаа од која не се бега…
Не ѝ се плашам,
Само…си замислив желба…

Не мора никој раката да ми ја задржи,
Ниту сакам наоколу лелеци,
Ниту чаршафи од солзи натопени.

Посакав да имам зошто да се насмеам,
Дур во мислите за љубов си спомнувам.
Љубов!
Љубов каква светот не видел,
Ниту човек сведочил.
Љубов каква секој немал,
Зошто за секој не е,
Зошто треба прво да се заслужи

Само таква насмевка,
Лицево да го украсува.
Па и заборав да ме победи,
Па и прав да се сторам,
Ил коскиве да ги расфрлаат,
И никој,
Никој веќе за мене да не спомнува

Сум љубел!
Ме љубеле!
За некого сум вдишувал,
За некого песни сум пишувал!

Една насмевка…
Е таква насмевка!
Така да си одам…
Така да си заминам…

Дали наскоро може да очекуваме нешто ново од тебе, збирка поезија или прозно дело?

Би сакал…

Се обидов со нешто различно неодамна, прозно дело кое за жал не ги помина филтрите на издавачката куќа. Малку застанав. Го чекам мигот кога ќе се посветам на нешто друго, знам дека ќе дојде, нема да брзам. Нека биде спонтано, нека биде искрено, нека е едноставно, исто како и првото мое дело. Инаку, баш пред некој ден ја напишав и песната бр.101. Уредно ги чувам во посебен фолдер, тие се мојата гордост, вечно ќе си ги чувам.

Би сакал да објавам збирка поезија некогаш, би било тоа најубаво можно финале. Меѓутоа, многу малку поезијата. Не само кај нас, исто е и насекаде низ светот. Оттаму и слабиот интерес за објавување во јавност. Малкумина се доближуваат до полиците со поетски дела во книжарниците, и тоа, баш тоа е толку жално. Тој момент никогаш не успеав да го разберам, секогаш ќе ми биде чудно, тотално несфатливо… 

Што прави Мартин во слободно време? Дали читаш? Кој ти е омилен жанр, омилен автор и омилено дело? 

Работам доста. Поубаво се чувствувам кога ја трошам енергијата. Се обидувам на секој можен начин да избегам од рутините и стресот, од секоја негативна страна на ова чудно општество денес и овој навидум напреден свет. Фантазирам доста, си имам некои свои светови, таму можам сè и убаво ми е, тоа ме држи во живот. Имаме непроценливо богатство оставено во наследство. Најдобрите поети, најубавата македонска поезија. Магија, секој стих со своја тежина, кој од кој поубав. Горд сум што десетици современи наши поети ги продолжуваат нивните дела, нивниот аманет.

Последниов период го читам великанот на македонската поезија, мојот омилен, Блаже Конески. Благодарение на интернетот, го пронајдов целото негово творештво. Се запрепастив колкаво е истото, за колку само негови дела никогаш и немав чуено претходно. И ќе пренесам зборови кои не се мои, некој друг кажал сè што е важно, не би можел подобро да се изразам.

“За Блаже Конески…неуморен градител на убавината, умник над умниците, челник на македонската преродба, благородниот поет што ја воздигна славата на македонскиот дух, скромен, чесен, правдољубив. Еден од оние светли синоними низ кои Македонецот најубедливо се претставува…” 

Дали постои лек за анксиозноста и паничните напади кој не се препишува на лекарски рецепт? 

Не постои лек за анксиозноста и паничните напади кој се препишува на лекарски рецепт. Анксиозноста е комплицирана, екстремно комплицирана на мигови. Меѓутоа, сè е до начинот на кој што гледаш на работите, начинот на кој ги гледаш останатите и особено, начинот на кој се гледаш себеси во светот таму надвор. Решението е секогаш во нас, исклучиво во нас. Ама, наместо осуди и камшици, наместо таа строга, константна дисциплина, потребно е и разбирање спрема себе, многу љубов и нежност.

Анксиозноста била и ќе остане порака, ништо повеќе, порака и опомена. Повик за будење, потреба од корекција на патот по кој чекориме. Промени, навраќање на она основното, емоции, еден куп емоции…што и да е потребно крвта да зоврие, што и да е потребно жив да се почувствуваш.

Кога се’ тоа ќе се оствари анксиозноста сама ќе се повлече, тивко и незабележливо, на истиот начин на кој и првпат се појавила…

Кој е твојот лајт мотив? 

Хмм…не сум сигурен дека можам да издвојам некој посебно. Има многу цитати, многу вредни зборови на хартија оставени кои допреле до мене, кои ми помогнале да се кренам оние мигови кога било најтешко.

Не знам, еден другар ме тераше што повеќе да употребувам “fuck it! ”, и баш тоа многу ми помогна. Можеби очекувавте нешто друго, меѓутоа, како ужасен перфекционист, баш тие зборови честопати ми го олеснуваат животот. Дозволата да погрешиш, да ја препуштиш контролата, да немаш сè во свои раце, дозволата да оставиш на судбината… поголем ослободувачки момент од тоа не постои !

Каква порака би им испратил на читателите на Krajbrezje.mk?

Чувајте се себеси ! Наградувајте се што почесто! Животот стана ужасно комплициран, пребрзо е темпото, нормално е да се почувстуваме роботизирано низ деновите кои ужасно брзо минуваат. Наше е само да најдеме начин низ нив да внесеме љубов и радост, возбуда и страст, барем некои мали, слатки мигови кои ќе не потсетат дека сме живи.

Внимавајте на социјалните мрежи, внимавајте со што ја храните потсвеста ! Надеж ! Надеж и љубов ! Чувајте ги, само нив, ништо друго не е важно, ништо друго не вреди на светов ! Сè ќе биде во ред !

Тимот на Крајбрежје му се заблагодарува на Мартин Јованоски за прекрасниот разговор и за одвоеното време. Му посакуваме успех на сите полиња, од сè срце!

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели