Чудна сум јас,
дури некогаш и себеси си сум чудна
оти во очите носам прекор,
па попреку ги гледам другите
и прекорот пред нив го истопорувам
за душата да не можат да ми ја видат.
Вечерта кога првпат излегов со тебе
носев бела кошула со везени јакчиња,
а да знаеше само колку не сакам кошули
ќе се чудеше што сум дошла облечена така.
И знам оти цела ноќ не можев раат да седнам,
сѐ нешто ми сметаше,
дури се плашев да не ја натурам со кафето
оти јас сум едно несмасно чупиште
кое се накапува со сѐ што можи и не можи чоек да се накапи.
Кога и да се обидеше да дојдеш накај мене,
пази, чоек, пази кошулава, ќе ти речев
и ќе ти го испратев тој погледот.
Знам оти ти доаѓаше очи да превртиш и да си заминеш,
ама ете некако издржа.
Ајде, станувај, ќе те испратам, ми рече ко дојде време да си одиме,
а јас се зачудив што ти текна така да ми речеш.
Јас те грабнав тебе, не чекав,
па рацеве мои ко змии лазеа по тебе.
Пази, кошулата, ми велеше цинично.
Ти се доближив до вратот и почнав да ти го бакнувам.
Соблечи ја, ти реков, соблечи ми ја.
Е дури тогаш ништо не ти беше јасно,
па пред да ме легнеш, малку се подзамисли.
Добро, шо ти е тебе? Оти си ваква? – ме прашуваше.
Не знаев што да ти речам, па само се насмеав,
ама да знаеш, твоја бев, најтвоја.
Ти припаѓав ко никому што не сум припаѓала.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.