Skip to content

Магла во градот

Стојам на автобуската постојка пред цвеќара. Нема ни седум часот, а веќе е црна темница. Околу не се гледа ништо, само светлата од семафорот, оние од автомобилите и осветлените излози од продавничките. Светлото се меша со маглата и сè околу изгледа матно, како во некој сон. Луѓето што минуваат на тротоарите се само силуети што се губат низ просторот и времето.

Ја препознавам твојата силуета што доаѓа кон мене. Не можам да ти го видам ниту ликот, ни облеката, ама од начинот на кој што чекориш знам дека си ти. Доаѓаш и ми подаваш есенско цвеќе во виолетова боја што си го скинал негде. Го мирисам цвеќето и се смеам. Секогаш ми се смееш затоа што сакам да ги помирисам нештата. Велиш дека личам на мачките. Ти се умилкувам и ти крадам еден бакнеж низ маглата.

Двајцата чекориме по булеварот. Твојот црн кожув, со бело крзно во внатрешноста мора да е потопол од мојата шушкавна, црвена монтка што ја впива влажноста на маглата. Се засолнуваме во едно темно кафуле. Топло е. Ја сопблекувам монтката и се лепам до тебе. Мекичок си и топол. Мирисаш на салеп, а многу сакам жежок салеп кога е ладно. Уште повеќе ти се умилкувам, како да не сакам да се одвојам од тебе. Разговорот, кој требаше да е за нешто сериозно, станува целосно несериозен и двајцата се кикотиме, сркајќи од топлото чоколадо со шлаг и шарени мрвици.

Престануваш да се смееш и ми го фаќаш лицето. Што ако навистина ова е нашата последна средба? „Не можам веќе вака, Ана.“, воздувнуваш. Кимам со главата за да ти дадам до знаење дека те разбирам. Небарај јас можам вака. Далечината нè изеде, ама не велам ништо. Нека биде по твое. Сркам од чоколадото и молчам, како мачка да ми го изела јазикот, а имам толку многу да ти кажам. „Значи, толку? Заврши?“, те прашувам со вештачка насмевка, а се надевам дека нема да ги забележиш солзите што ми навираат в очи и кнедлата што ми стои во грлото. Кимаш со главата и ме прегрнуваш. Ми се чини дека ниту ти не сакаш да заврши.

Голтам од ладната вода надевајќи се дека ќе ја голтнам и кнедлата во грлото. Безуспешно. Си ги кршам прстите и нервозно тупкам со петицата во подот. Сакам да викам, да те удирам в гради и да те прашам „Зошто, Петар? Зошто?“, ама наместо тоа молчам и голтам, голтам спомени, голтам бакнежи, голтам солзи, голтам љубов. Да можам и тебе ќе те проголтам. Погледнуваш во часовникот. „Ако седиме уште малку, можеби ќе го испуштиш автобусот.“, ми велиш. Сакам да ти речам дека не мора да одам, ама наместо тоа станувам. Двајцата се завитукуваме во топлите капути и излегуваме од кафулето.

Те држам за рака и те галам со палецот. Кожата ти е мека. Сакам барем некое време да ја запамтам топлината и мекоста на твоите дланки. Застануваме пред цвеќарата. Те прегнувам. Конечно добивам храброст да го речам она што го молчев. „Не мора да биде вака, знаеш?“ Очекувам да ми кажеш дека ако сакам, може да останам, дека сакаш да останам крај тебе, со тебе, ама наместо тоа ми одговараш „Од нас зависи како ќе биде, Ана.“ Автобусот застанува на постојката. Ме бакнуваш в чело. Влегувам во автобусот и се лепам за прозорецот. Ти ја гледам силуетата. Автобусот се оддалечува од постојката и се губи во маглата. Те губам и тебе во маглата…

Напишете коментар