Ерол Туфан е роден во Гостивар, Македонија, 1959 година. Тој е поет, есеист и преведувач. Студирал право во Скопје и Конија, Турција. Работи како самостоен адвокат во Истанбул. Досега во Скопје на македонски ги објавил книгата есеи „Книгољубецот“ (2006 и повторно во 2011), книгата поетски есеизации „Несоници“ (2020) и книгите поезија: „Балкански син“ (2013), „Камчето од Вардар“ (2016), „Ликовите во мене“ (2021). Двојазичниот избор од поезијата на македонски и турски јазик „Меланхолија/Melankoli“ (2020) објавена во Скопје. Негово последно дело е збирката поезија „Куфер“ (2022).
Изборите „Ерол трагом Ерола“ (2016) и „Књигољубац“ (2017) му се објавени во Србија. Ја приреди и во 2019 ја објави книгата „Компаративни поетики“, дел од богатата оставина на својот татко Музафер Туфан. Во Истанбул објавена му е стихозбирката на турски јазик „Hülya bitince“ (2021). Член е на Друштвото на писателите на Македонија, Удружење Књижевника Србије и на Турскиот вакуф на писателите.
Јужен ветар
На недофатливата убавина дамата М.
Јас, ветарот врел
што доаѓам од југ
носејќи вкус на пустина…..
Се скротувам во тивката
вода на рекана породена
од солзата на твоето око…..
Она око што повикува
на авантура низ
бескрајот на вселената…..
Јас, ветарот јужен
што носи пораки за бучниот живот
и за вечниот оган ……
Ти, школка што мирува
на дното од солзата
и во оклопот сокрива седеф
зародиш на новото време…..
Средба на фантазмагоричната граница
Онаму во хоризонтот
каде се допира врвот на Балканот
со полната месечина која
бдее над твојот немирен сон
дамо моја
со недефинирана убавина…….
И ноќта ќе ти шепне
дека само ветарот јужен ти
е пријател без одреден интерес
кој без возврат ти ја дава
својата душа дел по дел
оваплотувајќи ја во овие
зборови врели…….
Од стихозбирката во подготовка „Јас, ветарот“, Истанбул средина на ноември, 2022
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.