„Оперирани од злоба“ деликатна психо-мистерија, најнова книга на Александар Николовски

На наше огромно задоволство, повторно ја имавме честа да поразговараме со нашиот навистина плоден автор на трилери и мистерии. Велешанецот Александар Николовски своите многубројни читатели предновогодишно ги изненади со својот нов, воедно и десетти роман – „Оперирани од злоба”. Како ни протече муабетот и какви интересни одговори ни даде и овојпат, прочитајте во нашето најново интервју.

Поминаа неколку месеци од твојот последен роман „Жива ќе те запалам”, а сега имаме и ново дело. Дали тоа значи дека и понатаму инспирацијата не те напушта?

– Па, изгледа дека е така и што се однесува до мене, никогаш и нека не ме напушти. Веројатно јас и инспирацијата навистина одиме во пар. И еве читателите имаат можност да уживаат во мој нов роман иако сакам да напоменам дека оваа година некако многу работи излегоа побрзо од планираното. На пример, „Жива ќе те запалам” беше првично планирана дури околу Нова Година, а „Оперирани од злоба” кон средината на 2023, но ете, работите не излегуваат секогаш според плановите, нешто што во случајов на оние кои со душа чекаат моја нова книга, неоспорно им одговара.

Пред да ни кажеш нешто повеќе за новиот роман, кажи ни како си задоволен од приемот на „Жива ќе те запалам” кај читателската публика?

– Презадоволен! Кажав и во некое од претходните интервјуа дека однапред не очекувам ништо за потоа да не се разочарам, но на моја огромна радост и „Жива ќе те запалам” котира одлично кај читателите и сериозно им задава тешка задача за да ја рангираат на соодветното место во однос на останатите мои прочитани книги. Некои велат дека тоа е мојата најдобра книга досега, но знам дека со секоја следна книга секогаш постои можност некој да го каже тоа што секако е валидно лично мислење. Како и да е, за мене најголема награда е дека книгата е читана и веќе го доживеа своето второ издание.

Што  нè очекува во „Оперирани од злоба”?

– Овојпат по два побрутални трилери, малку се навраќам на психо-мистеријата со доза на драма, нешто што дел од читателите исто така го обожаваат кога се во прашање моите книги.

Се работи за Алекса и Анкица кои се навидум обичен пар сопружници чие крајно монотоно секојдневие по една ноќ ќе добие сосема мрачна димензија кога следното утро го дочекуваат заедно со мртво тело меѓу нив, во нивниот заеднички брачен кревет. Шокот е преголем, но тие не се заинтересирани да го дознаат ниту идентитетот на жртвата која целосно е облеана во крв и обвиткана со исто така крвавите чаршафи. Само сакаат да се спасат од овој кошмар. И сега тука се поставува прашањето, колку далеку би оделе само за да ја избегнат правдата?

И двајцата го средуваат местото на злосторството, но кога сакаат да се ослободат од телото, работите дополнително излегуваат од контрола. Ако и навистина се невини, зошто би прикриле една брутално насилна смрт? И што ќе се случи кога ќе исплива уште едно убиство изведено на идентичен начин за додатно да им ги помати сметките?

Повеќе нема да кажам ништо, ќе им оставам на читателите да ја прочитаат и да го дадат своето мислење. Само би додал дека и овде има нешто малку контраверзно, што веќе е својствено за повеќето мои дела. Лично, навистина уживав додека ги создавав ликовите на Алекса и Анкица од причина што тие истовремено се толку иронични и саркастични, и не само кон останатите, туку и кон самите себе.

Дефинитивно успеа да ни ја заскокоткаш љубопитноста! Она што можеме да го забележиме е дека повторно не отстапуваш од својот домен на трилер и мистерија со елементи на драма. Дали читателите веќе те препознаваат по тоа?

– Искрено, да. А и тоа е сосема нормално со оглед на тоа дека ова е моја веќе десетта книга, па оние кои ме следаат и читаат од првите книги, одлично знаат што да очекуваат. Исто така сметам дека никогаш комплетно не би отстапил од овој препознатлив микс. Ова е едноставно мој терен каде се чувствувам најдобро и најсигурно во себе, што не исклучува дека во иднина можеби би направил некои жанровски експерименти.

Првично, уште пред официјално да ја најавиш книгата, видовме аванс за тоа дека бормашина е оружјето кое се користи во книгата. Како реагираа на ова луѓето кои со нетрпение чекаат твое ново дело?

– Така е, добро сте забележале. 😊 Бормашината „игра” во некои сцени од книгата иако до толку не ми беше целта да го прикажам тоа од крвнички аспект. Сепак, ако ја гледаме како оружје, по малку е невообичаено, но затоа по моето скромно мислење е креативно и баш тоа напросто ги интригира читателите, што е многу важно.

Веќе имаш десет дела, тоа е двоцифрена бројка. Си размислувал ли за тоа барем дел од нив да бидат преведени на друг јазик или да добијат филмска адаптација?

– Не размислувам многу и не се оптоварувам со тоа, од причина што поготово кај нас знам колку е тешко да се изведе, но ако некогаш се укаже таква можност, најверојатно радо би прифатил. Сигурно би бил возбуден кога би видел мое преведено дело, без разлика на кој јазик, но уште повеќе би сакал да погледнам како би изгледала било која моја книга во филмска верзија. Е тоа, би било вистинско комплетно доживување.

Што е со оние читатели кои се двоумат дали да читаат нечие дело, или еве конкретно дали да те читаат тебе како автор. Како би ги придобил за конечно да посегнат по твоја книга?

– Ако веќе се двоумат дали да читаат некого или не, тоа значи дека тој автор или таа некоја книга веќе им предизвикала некакво внимание. Јас обично читам сè што на некој начин ме привлекло, е сега некогаш ми се допаднало, некогаш не, но никогаш не би знаел ако не сум прочитал. Што се однесува конкретно за моите книги, сметам дека по книжевните групи има доволно дискусии и изнесени мислења, за било кој да одлучи дали да прочита мое дело или не. Најпосле, крајниот избор го има самиот читател.

Дали читателите можат да очекуваат предновогодишен попуст на твоите книги?

– Се разбира, како и секоја година, така и овојпат заинтересираните читатели ќе имаат можност да ги набават своите посакувани книги по намалени цени и уште повеќе да уживаат за време на празниците. Е сега, попустите ќе варираат од книга до книга, но секогаш гледам цените да се прилагодени за секој да може да си дозволи да се поднови со нова книга.

За крај, кои се твоите планови и желби за во новата година?

– Оваа година ми докажа неоспорно дека не треба ништо да планирам однапред, барем кога новите изданија се во прашање, затоа би оставил сè во раце на моментот и на инспирацијата, иако се надевам дека и во новата година читателите ќе имаат можност да прочитаат некое мое ново дело. Она што вака предновогодишно сакам да им посакам на сите, е првенствено добро здравје, среќа и успех на сите полиња во новата година и во овие денови кои ни преостануваат од оваа старата.

Александар, уште еднаш од срце благодарност за издвоеното време и ти пожелуваме уште поголеми успеси во новата 2023 година. Како и досега, остануваме да го следиме твоето творештво со сета наша поддршка, а сите оние кои сте заинтересирани за неговите книги, не двоумете се и предновогодишно збогатете си ги Вашите полици и библиотеки со неговите уникатни дела полни со пресврти и возбуда. Нарачката можете да ја направите преку порака на Facebook профилот на авторот.

close

Впиши го твојот емаил ако сакаш да станеш дел од нашата блог заедница на читатели