Ми паѓаш на дланкиве слободно, како снегулка и се топиш во нив. Очите ти се ситни и насмеани, ама триста ѓаволштини ти се кријаат во погледот. Толку ти се чисти очите, што се плашам дека целосно ќе ме обземат, ако уште некој миг гледам во нив. Се плашам дека ќе се удавам во твоите длабочини, а многу си ми драга.
Сонцето завршило одлична работа на твоето лице. Секоја бенка и сите пеги се распослани совршено врз твојата мека, тенка кожа. Кожата ти изгледа толку совршено, што мислам дека ќе се распука ако ја допрам со моите темни дланки. Брчките околу очите ти ја издаваат возрастата, ама не ми личиш на ниту една друга жена оти и сега се смееш без страв дека смеењето ќе ти направи брчки на лицето. Изгледа секогаш вака си се смеела.
Усните ти наликуваат на јагоди во мај. Полни се и сочни, ама, драга моја, се плашам да ги загризам. Знам дека во нив носиш отрови, а јас се плашам дека ќе се отрујам од усните твои. Што ако отровот ми дотече до срцето? Што ќе правам тогаш?
На вратот совршено ти се оптегнати жилите. Дополнително излегуваат кога зборуваш. Имаш потреба да дрдориш, а мене не може да ми здосадат твоите приказни, кога уште повеќе го истакнуваат твојот долг, ковчест врат, а јас само замислувам колку добро би му прилегале моиве усни. Толку добро го замислувам тоа, што можа да ти ги слушнам воздишките в уши.
Се плашам да се заљубам во тебе. Не личиш на ниту една од нив. Не си како другите, а мене токму тоа ме плаши. Ако се заљубам во тебе знам дека нема враќање. Ќе те сакам со цело свое битие, таква ко што си, насмеана, дрдорка, со неверојатна енергија што плени сѐ околу себе.
Луѓето не ги поврзува, ниту ги разделува физичкиот изглед, ами енергијата. Она што не е вистинско не може ниту да трае, драга. Тоа нема длабочина. Вистинскиот контакт меѓу двајца не е допирот, туку магнетската привлечност, а нешто ко магнет ме влече кон тебе. Вистинските конекции почнуваат од невидливото. Уште пред да се сретнат очите, нашите енергии некаде се препознале. Затоа се плашам од тебе. Нашите енергии се поклопуваат, ама верувај ми, драга, немам што друго да ти кажам освен тоа дека се плашам. Се плашам да се заљубам во тебе.
Вљубена во кафе, мачки и пишан збор. Бескрајно романтична.