Skip to content

За да не се прашуваш, За да не се прашувам – А. Лефкоска

(Ова е за да не се прашуваш.
Ова е за да не се прашувам.)

Зошто сме овде?
Од инат да ме немаш,
од инат да те немам,
да завее од инат лут,
густ снег за да не те гледам,
за да не ме гледаш,
за да не те чекам,
за да не ме чекаш
на старото место кај што триста теми се потегнаа,
триста, само не една – од инат не – таа нашата.
И кај сме сега, што станавме?
Кажи ми, како од инат сами себе се проколнавме?
Се заколнавме на тишина и вечна една самотија,
а зошто?
Од инат да ме немаш,
да те боли да видам,
од инат да те немам,
очи да ти кријам,
навечер да не спиеш,
навечер да не спијам.
Богови да молам – народот да колнам,
од името неизречено на усните афти да ми излезат,
сѐ да кажат само тоа да не речат;
од инат, за да не дојдеш,
од инат, за да не дојдам
таму кај што не смеам ни да пројдам,
таму кај што место ми нема,
таму кај што убаво нешто, ама кратко ме чека.
И зошто сме овде сега?
Зошто ни е криво сѐ живо и диво?
Од инат еднаш до двапати се бега,
а ние Темнино, цел наш живот.
И зошто сме вака – тука – сега?
Од инат –
од инат сѐ, па и душава,
затоа сум овде;
од инат и животов и песнава,
само да ти напишам,
само да ја гледаш,
од инат да издишам,
и пак да те немам
и пак да ме немаш.

Напишете коментар