Skip to content

Новогодишната магија е љубовта што се шири меѓу луѓето

Последниве неколку години, особено за време на пандемијата на Корона вирусот, тотално се измести начинот на празнување на новогодишните празници. Некогаш, многу одамна, елките ги китевме со шарени ленти и бомбони, со по некоја честита и жолти сијалчки. Денес, врз нив го истопоруваме целиот гламур, ама не ни носат никаква топлина, ниту магија во домот. Луѓето се отчовечени. Плоштадите се празни, без светулки, без деца кои трчаат по парковите. Нема веќе ни дедо мразовци, кои шетаат на плоштадот и им делат бомобончиња на децата.

И не, сигурно не е затоа што е криза или се нема. Кафаните се полни, резервирано е секое место до 31.12. Се прават предновогодишни забави полни лицемерие без никаков дух. До пред десетина години немавме појма што е предновогодишна забава или after work забави, ама луѓето се качуваа на столици, играа, се смееа, се прегрнуваа. Не памтам да имало особено луксузни дочеци или новогодишни патувања. Дома се собираа соседите, носеа кој што има, никогаш не изостануваа руската салата и кифличките. Игравме на македонска музика, носевме светкави капи и одбројувавме од десет наназад до полноќ. Некогаш одевме на плоштад. Таму луѓето играа оро, се држеа за рака, пиеа топла ракија, фрлаа многу педарди, како да се случуваше опсада, а не како да е Нова Година. На полноќ плоштадот беше полн со луѓе што во очите носеа надеж.

Она што се случуваше до пред десетина години стана некое далечно време, како од некој друг живот, од некои далечни, туѓи димензии. Што се случи во меѓу време? Масовна поделеност меѓу луѓето во сите сфери на општественото живеење. Не може да има еуфорија, ниту магија во општество кај што владее анархија, себичност, алчност. Некој вид капитализам, што и не е капитализам ни се сервира секој ден за појадок, ручек и вечера. Голтаме лажен патриотизам, непотизам, нефункционалност на секое можено поле. Плукаме револт, бес, гнев, ама има и такви што плкуаат алчност, завист, љубомора.

Во едно “зрело“ општество, луѓето не паѓаат за било што, туку духовно растат за го достигнат нештото. Луѓето се сакаат самите себе, немаат потреба да се споредуваат со другите. Свесни се дека пред себе треба да изодат пат што е резервиран само за нив и при тоа не го споредуваат својот живот со животите на другите. Зрелите луѓе не ги туркаат другите затоа што се чувствуваат загрозено од нив. Тие подаваат рака и го подигаат секој кому е потребна помош. Така ја покажуваат својата зрелост и својата големина. Така покажуваат дека се навистина човечни, а човечни луѓе во нашето секојдневие нема.

Пробај некому да кажеш дека се радуваш што доаѓа Нова година, дека му се радуваш на Божиќ и дека евај чекаш да се насркаш руска салата. Пробај шетај насмеан, енергичен, малку развеселен и слушај како ти велат дека тебе ти фали нешто или забележи како те гледаат. Живееме меѓу напатени ликови кои личното неостварување го лечат со угнетување на другите. Скоро сите сме такви, сите до еден. Како што растеме, сфаќаме дека не може да има било каква еуфорија или магија, ако изостанува љубовта.

Во 2023 ни треба љубов, многу љубов, ама не кон другите, туку кон самите себеси. Во 2023 може ќе треба сите одново да се откриеме себеси и малку повеќе да работиме на себе реализација, наместо да им фаќаме белешки на другите. Лекцијата на која особено треба да ѝ обрнеме внимание е тоа да си простиме себеси. Не постои друг човек со кој минуваме толку време колку со самите себе. Од себе човек не може да избега. Затоа, во 2023-та, малку повеќе простувајте си себеси.

Напишете коментар