Саканата беше гола и, заради мене,
немаше ништо врз себе освен накит сјаен,
а изглед ѝ даваше ѕвонливиот венец
како среќна робинка на Маврите да е.
Кога ќе го раздвижеше во играта вешта
тој блескав свет од метал и од камен
среќен, јас паѓав во занес по оние нешта
во кои звукот измешан со светлост ќе пламне.
Препуштена сета на милувањето мое,
се насменуваше таа, лежејќи на диван,
на љубовта моја силна како море што е
кое се искачува кон карпата дива.
Ме посматраше таа како тигар скротен
продолжувајќи најзгодни ставови да бара,
и блудот кој со наивност тука беше сплотен
еден нов чар ѝ даваше на играта стара.
Темни, мазни како масло, слабините, бокот,
лебедските раце и издолжените нозе
минуваа пред моите очи полни спокој
а градите, гроздови од моето лозје,
идеа додворучваки, без ни миг да запрат,
како Ангели на злото, за да ми ја срушат
од нејзиното место на кристалната карпа
мојата смирена и осаменичка душа.
Бокови на Антиопа со биста на младич
мислев дека сликар споил на своето платно,
такви беа нејзините колкови и гради.
Темната кожа пудрата ја боеше матно.
– Ламбата умираше и од каминот само
продолжуваше светлоста низ соба да првта.
И кога со воздишка ќе избувнеше пламот
килибарната кожа ја росеше со крвта!
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.