Skip to content

Кудиш – Маја Малиновска

– Во почеток Бог ги создаде небото и земјата.Земјата беше пуста и празна; темнината се простираше над бездната, и Божјиот Дух се движеше над водите. И Бог рече: „Нека биде светлина!” И бидна светлина.

     Додека татко ми почнуваше да нѐ благословува со молитвата за кудиш сите мирно седевме и чекавме да заврши за да почнеме со вечерата и со долго очекуваната оддишка. Беше Шабат и време на одмор, на растеретување од секојдневните обврски, на мир и споделување на семејна среќа.

За нас тоа беше голема свечаност и врее на семејна блискост. За мене , беше ден кога станував возрасна и бев дел од возрасните. Јас бев позната како пеачката во фамилијата и мојот глас, велеа е ангелски  како оној на ангелите кои не посетуваа секоја петочна вечер. Ги молев за мир и благослов и помислував дека ме разбираат и слушаат иако не можев да ги видам.знам дека беа два ангели чувари,едниот добар, a другиот лош ангел прогонител кој секогаш се весели ако вечерата не е спремна и не сме подготвени достојно да го пречекаме.

Тоа значи дека сме ја прекршиме традицијата, Ангелот прогонител ќe не прогонува деноноќно и ќе ни се смее додека спиеме и ќе ни дава бессони ноќи и уморни утра.

Јас знаев и бев сигурна дека тоа никогаш нема да се случи.

– Мир вам, ангели службени, гласници на Севишниот, на врховниот Цар над царевите, Светиот, нека е благословен.

Колку беше овој убав земски благослов упатен до нашите ангели чувари кои за возврат ни даваа благослов од висините, од доменот на боженственоста.

Јас бев едно мало девојче кое знаеше за ангелите уште кога ги изговорив првите зборови. Мислам дека ги познавав уште пред да дојдам на овој свет.

Сите ние доаѓаме од небесата, си велев каде сигурно сум ги сретнала уште и пред да се родам. Се викам Гаврела како Божјиот гласник кој му се претставил на Даниел и ги отгатнал неговите визии. Бев горда на своето име и мојот ангелски глас му го должев токму нему.

Но таа вечер, како да имав кнедло во грлото. Имавме гости и тука беше Исак, братучед и чест гостин во нашата куќа. Ми велеа дека моите родители ме ветилe да станам негова жена, и јас претчувствував дека кај мене во животот сé е некако предодрено однапред. И мажачката и мојата идна професија како ладино пеачка.

Беше секогаш насмеан, но некако тоа мене ми пречеше. Мислев дека ми се смее зошто не пеам добро и сум девојче кое секогаш седи во галеријата за жени во синагогата, кое секогаш се качува на еден висок балкон од каде скришно го гледа, но тој не може да го види. Го гледав и кога ја славеше неговата Бар Мицва и почна да чита од Тората и заедно го славевме неговото полнолетство.

Таа вечер ставил талит и црно –белиот шал му даваше дополнителен шарм и зрелост. Но, кога станав од масата пред да почнам да пеам тој  широко се насмевна и ме погледна директно во очи, делуваше како да очекувал долго време да ме види како пеам.  Сигурна сум дека знаеше дека пеам како ангелите кои нѐ посетуваа секоја петочна вечер.  Искрата во неговите очи кажуваше дека  веќе претпоставува дека неговата идна жена ќе биде една од најголемите ладино пеачки кои некогаш се родиле.

Но, тоа за мене беше толку застрамувачко што не можев да изустам ни збор и истрчав надвор оставајќи ги сите на масата со подотворена уста.  Никому не му се веруваше дека ќе го направам тој чекор и ќе ги посрамотам моите родители и нема да покажам почит, пред нив и пред сé пред Бога. Ги посрамотив нив за да избегам од мојот срам.

Како да станав нивен ангел прогонител кој ќе ги прогонува сѐ до крајот на нивниот живот. После оваа случка татко ми не сакаше да зборува со мене, а мајка ми никогаш веќе не ме погледна во очи.

Дојде кај мене и со наведната глава само изусти:

„Гаврела, знаеш што следува. Не знам зошто постапи вака и го направи овој срамен чекор, ќе пробам да зборувам со татко ти ако сака да ти опрости. Ако не, ќе мора да го напуштиш нашиот дом.“

Овие зборови ме прободија во срцето. Имав само единаесет години и не знаев дека може да останам сама на светот, без поддршка од моите најблиски, оние на кои безрезервно им верував. Што ли ќе ми се случи? – си помислив. Мајка ми си замина без да ме остави да се искажам, да ѝ кажам дека не сакав да го направам тоа што го направив и дека сакам само едно нешто, да ми опростат и да заборават на оваа глупава детска случка.

Утрината дознав дека ќе ме носат кај тетка ми, немаше деца, беше вдовица и се радуваше на секое дете и сите знаеја дека ќе ме прими во нејзиниот дом. Помислив дека мајка ми ќе доаѓа скришно да ме види и да ми раскаже се што се случува кај нас дома, со моите двајца браќа и малата Ребека, која беше мало бебе и си мислев дека нема никогаш да ме запознае, освен ако мама не ѝ раскаже за мене. Сепак,  тоа беше болна тема за која веројатно никој дома нема да се осуди да зборува.

Со тетка ми живеевме надвор од заедницата, не одевме ниту во синагога, ниту пак кај соседи, роднини и пријатели. Се молевме скришно, секоја од нас со свои молитви и приноси кон Бога. Јас се молев да дојде мајка ми, да ме види и да ми каже дека можам да се вратам дома, после сите овие тешки моменти кои ги преживеав. Често ги пеев песните кои ги знаев, кои ги слушав од баба и  неосетно го вежбав гласот  секојдневно.

Со тета често раскажувавме стари библиски приказни  кои ги знаеме и двете, тоа ни беше омилен дел од денот.  Таа скришум ме слушаше како пеам, но не се осмелуваше никогаш да признае. Понекогаш сама си смислував песни, но најчесто ја пеев Ешад ми Јодеа и во тие моменти бев најблиску до Бога, до неговите 13 зададени принципи и 10 Мојсијеви закони. Колку ли само ме гореше оној закон кој кажуваше дека треба да се почитуваат родителите, а јас, толку мала направивив грешка и не ги испочитував. Пеејќи ја песната како да сакав да се искупам за овој мој детски толку невин грев.

Чекав да дојде Јом Кипур, денот на очистувањето, кога ќе одам да побарам прошка од родителите. Секојдневно барав прошка од Бога кога се молев, но ова беше поинаку, ова беше добивање прошка од луѓе. Бев дете кое треба да прошка од родител, можеби најтешката прошка која треба некој да ја побара. Мислам дека во нашата фамилија и никој досега не побарал прошка од никој и не знаев дали и јас како дете можам да побарам прошка од родител.

– „Тето, дали да побарам прошка од моите на Јом Кипур?“ – ја прашав тета некако несмасно и без размислување дента пред празникот.

Чудно ме погледна, не можеше да сфати дека сум собрала таква храброст со оглед на моите години.

– „Секако мила“ – ми одговори кратко.

– „Тето, но, сакам да прашам дали некој од наша фамилија досега побарал прошка?“

Тетка ме избегна без да ми одговори, а јас подоцна дознав зошто го направи тоа. Но, сепак дојде со мене кога отидов таа вечер кај моите, да биде моја поддршка, нешто за што ѝ бев благодарна цел мој живот.  И таа како мене се огрешила пред Бога и луѓето и знаеше дека човечки е да се греши и боженствено е да се опрости.

Чукнавме на старата дрвена врата на нашата голема жолата куќа и знаевме дека ќе ни отворат, денот беше за проштавање. Не знам дали ме очекувале да се појавам, но мама и тато не беа многу изненадени.
„Дојдов да барам прошка“ – пропелтечив не можејќи да ги погледнам во очи.

Мајка ми силно ме гушна и веќе знаев дека ми опростила.  Тато ништо не проговори, не ми ни погледна, но тоа значеше дека го одобрува она што мама го прави, и беше на некој начин негово потајно опростување.

На тета ѝ олесна, не сакаше да го поминам нејзиниот пат и да останам сама како што таа останала, надвор од заедницата, без поддршка и утробен плод. Но, јас сакав да ѝ се оддолжам за се она што го направи за мене и секогаш ја викав да дојде кај нас да ги славиме големите празници заедно.

Продолжив да пеам скришно, зошто за казна ми беше забрането да пеам дома пред моите и пред роднините. Но, љубовта кон пеењето за мене стана животна опсесија и станав позната ладино пејачка. Исак остана да биде мој животен сопатник, сé до последниот здив и никогаш веќе немав срам да го погледнам во неговите големите маслинести очи. Уживав да пеам пред неговата голема широка насмевка!