Skip to content

Копнеж – Анамарија Наумовска

Копнеж за недофатливо, вечен траг за смисла, заборав на она што ќе биде некогаш, како усовршено и сè уште неусовршено битие што му ја намалува вредноста на секое ситно коцкиче, за утре кога ќе се разбуди да се прашува зошто и каде му беше заборавено делчето и која е сложувалката за чие решавање немаше материјал.

Кој ли беше влегол во машината во изградба за таа да покаже поместена, но сепак нормална реалност? Дали реалноста може да се измери ако ги броиш коцкичките или само тогаш кога дозволуваш адреналинот да те обземе до степен на ‘fight or flight’ па тогаш не можеш да си помогнеш… Имаш едно решение и го рационализираш – се препушташ.

Симпатичен нервен систем станува име твое, презимето е негде меѓу хипер и кортизолизам, ама во физиолошки граници. Дали само тогаш си жив? Дали само тогаш имаш дофатлива смисла што ја правиме комплементарна на секунди, минути часови… да ја зграпчиш и собереш во кутија, а после да очајуваш од тага.

Ти ќе останеш во просторот меѓу кутијата полна со сложувалки, а потоа се прашуваш зошто не се пронајде. И искрено, нема долго време да го сториш тоа. Можеби транспортот на кутиите оди во погрешна адреса и не им се восхитува на креациите од создателот. И искрено, така треба. Да се восхитувал креаторот не би дозволил делото да исчезне патувајќи…

Но, тоа сме ние, или барем тоа сум јас, како одраз на нешто човечко. И така треба да биде, нека е. Копнеам, копнееш по висина. Уживаш со сите свои компензаторни механизми во тебе, достигнуваш до планината, ќе осетиш декомпензација, тло… и после во круг. Ама не жалиш, туку заспиваш со надеж дека утре нема да составуваш сложувалки, потфрлаш кутии и искачуваш планини со ранец.

Ранецот што ти натежнал на грбот нема да е тежина, и немa ни да те одмине, ни да ти помине. Ќе се претопи во тебе и ќе ти дозволи чекорите да се леснотија и на тло и на врв. Само така нема да мора да ја паметиш реалната слика за да ја составиш сложувалката, ами ќе ја градиш. Со она што е во тебе!