Skip to content

Крајморје – Наташа Сарџоска

има еден предел,

далеку од тебе

далеку во нашето минато време

во нашата бездна

во нас изгубени,

каде што се губат сите ветришта

каде што се збунуваат сите патеки

искрен простор на твојот пораз

дали можеш да го жртвуваш

својот окован простор за да дишеш

за да се ослободиш од сопствената лага

да тлееш во оние заумни подрачја на тишината

велиш мислиш на иднината

а не знаеш каде да одиш на ручек

во ова просто време сегашно.

 

Има еден предел

по него ти не чекориш

по него ти сал страв постилаш

таму се коваат високите одговори

кои ги бараш а не сакаш да ги најдеш

таму е средоземјето

таму љубов водат црвените карпи со модрите длабочини

ветришта диви компас кршат

коса ти мрсат

бели платна на едреници креваат

да ја одредиш својата насока сакаш таму

и покорно молиш

прангите да ти се слеат

во течно железо алово

во спокоен кислород живототворен

во бујна мугра зелена.

 

Има еден предел

кој те обновува

кој повторно те раѓа

кој те обликува и те повикува

таму ветерници го мелат твоето одамна свршено време

таму едреници го плетат твоето идно време

таму буревесници го ткаат патеписот на твојот лет

а ти сал молчиш крадешкум

а ти сал чекаш молкум

а ти сал демнеш ничкум

и да се одвоиш не сакаш

далеку над себе.

 

пеш по приморскиот срт меѓу

Аржелес сур мер и Колиур, јуни, 2016