Skip to content

Кога умира љубовта – Викторија Стојовска

Кога умира љубовта… умира некако вака… Ноќ по ноќ, солза по солза, тивко полека, а ноќва умирам и јас со неа. Дел од мене го погребувам со последното жарче надеж што ми згаснува во гради. Провалијата во мене проголтува сè, мојата гордост, мојата љубов, ги убива желбите, ги затишува спомените… Те проголтува тебе… а јас плачам. Плачам присетувајќи се на многу љубови осудени на смрт, кога не ти преостанува ништо друго освен да си заминеш и да се откажеш, бидејќи нема повеќе што да се направи.

Сè е изгубено, мртво, сè овенало, пепел се претворило. Знаеш залудно е да се полева цвеќето кое овенало, како цвеќето. Ако редновно на цвеќето не му обрнуваш внимание и не го полеваш со вода, ќе овене. Исто е и со љубовта. Ако редновно саканиот не го полеваш со чувства и внимание, ќе овене. Така и љубовта умира секојпат кога некој се откажува од неа. Кога не успева да процвета, кога нема услови да преживее. И накрај некој мора да ја понесе вината. Некој мора да ја понесе последната воздишка…

Едниот од нас секогаш повеќе ќе го боли од другиот… Едниот ќе овене без љубов, а другиот ќе ја убие. И сега кажи ми за кого да ја исцедам и последната капка крв од мене? На кого да го дадам ни вишокот, кога ти си убиецот? Ме убиваше сигурно полека, секој ден! Ти ми остави гревови на душава и лузни на срцево. Преку ноќ стана тивок убиец на љубовта. Сурово му пресуди, а за ништо не бев виновна, освен за едно, виновна бев што самата ти ја дадов моќта да ме уништиш!

Што ти ја всадив љубовта моја во раце и ти ги предадов и срцето и телото и душата. Но што да направам кога те сакав и против себе не можев да одам… Таа љубов кон тебе се раѓаше секој ден со изгрејсонцето, а копнежот за тебе секоја ноќ ме убиваше. Секоја ноќ кога ќе се спуштеше месечина, јас се чувствував како да сум во првиот круг од пеколот, каде на прагот без престан ми крвареше срцето за тебе. Ми гореше душава поради тебе.

Секоја ноќ дел по дел умираше дел од мене. Секоја ноќ малку по малку умираше ти во мене. Ете така умирав секоја ноќ полека и на крајот конечно успеа, ме уби, ти си тој што ме уби. Ти си тој – тивок убиец на љубовта! Јас си умрев во себе, после тебе. На крајот ме уби, а те имав во само еден миг. Во само еден допир на нежност, за потоа да изгориш сè. И почувствував клиничка смрт во еден момент.

Темно пред очите. Мрак. Од оние лошите темнини, каде не знаеш повеќе дали стоиш на земи или лебдиш. Така. Еден миг и смрт. Не очекував дека сите надежи ќе ми ги закопаш пред мене. Не очекував бидејќи не беше таков ти за мене во моите очи… Те почитував. Те сакав. Те возвишував. Те ценев. Но, лошо те проценив.