Skip to content

Ако не е Сонцето – Наталија Наумовска

Ако не е Сонцето нема ни да е Земјата,
ако не е Земјата нема ни да е животот.

Ако не е воздух нема ни да е дишење
ако не е светло нема ни да е темно,
црнилото на ноќта ги покрива улиците,
стравот се вгнездил во сокаците,
светлото го нема ни на крајот од тунелот,
колку бессони ноќи пробдееја поетите?

Ако не е ден нема ни да е ноќ,
ако нема срцезастој во поодминати години
каква е смислата на првиот плач
што продира во душата на тазе мајката?

Ако не е тешко нема ни да е лесно
оној што тежината не ја осознал
никогаш нема да знае колку му е лесно
и колку можело потешко да биде.

Ако не е љубов нема ни да е болка,
љубовта отвора ама и затвара очи,
кога е безболна и нежна,
дива и дрска, вистинска е.