Skip to content

„Не кажувај никому“ од Гонџа Озмен неодамна излезе од печат

“Не кажувај никому“ е трета објавена и поддржана публикација во рамките на едицијата „Балканска женска поезија“, чиј уредник е Звонко Димоски. Претходно беа објавени „Мајка ми знае што се случува по градовите“ и „Денови  со полна месечина“ од српските авторки Радмила Петровиќ, односно Витомирка Требовац.

Препевот на македонски јазик го направија Наташа Забрчанец и Звонко Димоски, дизајнот на корицата е на Емилија Малезан, додека поговорот е на акад. Катица Ќулавкова.

Гонџа Озмен е една од најпознатите и највпечатливите турски поетеси од нејзината генерација. Родена во Бурдур, Тефени во 1982 година. Нејзината прва песна објавена е 1997 година во книжевното списание Varlık и веднаш била прогласена за „поетеса на која треба да се обрне внимание во иднина“ (Младински награди Јашар Наби Најир).

„Не кажувај никому“ е прва книга на Озмен објавена на македонски јазик, а нејзината поезија преведувана е на англиски, германски, француски, шпански, словенечки, италијански, романски, персиски, грчки и хебрејски јазик. За своето поетско творештво е добитничка на бројни награди за поезија.

Академик Катица Ќулавкова на почетокот на поговорот ќе напише: „Имаме работа со една книга поезија на Гонџа Озмен и неколку сесии со ѕиркање во „времето кое се наоѓа внатре во времето“, како што таа подвлекува во уводното мото на книгата. Поезијата на Гонџа, како и секоја оригинална поезија, поседува дарба да биде езотерична, да го види и она кое не се гледа со „голо око“. Окото на поетот има некоја своја волшебна моќ. Навидум низ игра со зборовите и значењата, поетот не само што ги дешифрира кодираните пораки, туку самиот кодира свои пораки и се служи со свои клучеви. Клучар со причина, тоа е поетот.“

Во продолжение ќе проследиме поезија од збирката „Не кажувај никому“.

Исповед – Гонџа Озмен 

Не кажувај никому дека не сме го читале Дерида
Дека на врвовите од нашите умови одеднаш никна чевел
Дека на врвовите од нашите тела завршува водењето љубов
И дека значењето засекогаш се влече натаму, токму натаму
Не кажувај никому како те сменив за една кошула

Не кажувај никому за земјата што ја јадевме како деца
Или како се претворивме во некој друг и спиевме в гроб
Или колку зелени бевме зјапајќи во дрвото
Зошто некој татко со пеплосано лице секогаш се протнува во сонот
Не кажувај никому дека и татковците им недостасуваат на ќерките

Не кажувај никому што видов во тебе најпрвин
Како старее едно кајче
Импулс што го започнува утрото
Ние тројцата изгорени кога се бакнавме
Во млекото што претекува на шпоретот

Сепак, не кажувај никому за сѐ што беше претходно
Зар ништото ќе се разбуди за да ми те открадне