Skip to content

Нирвана – Матеја Матевски

Матеја Матевски (Истанбул, 13 март 1929 – Скопје, 6 јуни 2018) е македонски поет, литературен и театарски критичар, есеист, преведувач. Завршил Филолошки факултет во Скопје. Работел во Македонската радио-телевизија како новинар, уредник на културните и литературни програми, потоа како главен уредник и директор на Телевизија и генерален директор на Радиотелевизија Скопје.

Матевски бил член на МАНУ и бил негов претседател во периодот 2001 – 2004 година. Тој починал на 89-годишна возраст. Во продолжение прочитајте ги неговите стихови.

Нирвана

Дождот се излева
како жена кога се бања

По брезата на нејзината снага
по липата на нејзината лика
по ружата на пубисот

Нежна пареа одземна од сонцето
на сонцето што му се раѓа

Топлата вода на дождот
ја буди
еротиката на шумата

А зборот тежи како боска
во глува несоница.

М-р Блаже Китанов во делото „Низ поетскиот израз на Матеја Матевски“ за оваа песна ќе го напише следново: „Како што се гледа, песната е компонирана од пет строфи: три со дистиси и две со тристишија со наизменичен редослед. Во првите две строфи визуелното и емотивното се силно нагласени преку свежите и оригинални стилски фигури: компарацијата во дистихот и градацијата во тристихот. Веќе во вториот дистих експресивниот ритам е прекинат, зашто чувството, внатрешниот трепет се заменети со рациото. Во последните две строфи, пак има еден вид синтеза на експресивен и интелектуален ритам“.