Skip to content

Единствената разлика – Владимир Д. Јанковиќ

Единствената разлика помеѓу

Тебе и мене

Освен тоа што си ти женско

А јас

Ти

Освен тоа што си

Ти во право

А јас виновен

Освен тоа

Што ти мислиш

Дека некаде одиш

А јас знам дека

Во место стојам

Освен тоа што тебе

Стравот те изеде

А јас премногу стравови

Бројам

 

Единствената разлика помеѓу

Тебе и мене

Освен тоа што си ти

Ладна

(Јас горам)

Освен тоа што си ти

За празнина гладна

А јас до крај ќе те

Изморам

Освен тоа што јас сум

Мек како лепче

А ти тврда проја

Освен тоа што

Јас сум твој

А ти не си

Моја

 

Единствената разлика помеѓу

Тебе и мене

Значи

Е тоа што мене

Поради тебе

Под нозеве земјата ми бега

Не сопира

А тебе ни тревата

Не те заскокотка

Ни бумбарче не те

Допира

 

Единствената разлика

Е тоа

Што јас сè уште ги прашувам сните

Зошто ли ти мене еднаш

Ми кажа

Те љубам

И дали зборовиве на твојот

Јазик далечен

Значат нешто

Милно

И зошто животот си оди

А јас

Те љубам сè посилно.

април 2023

Српска современа поезија

Препев: Татјана Маженковска

За авторот: Владимир Д. Јанковиќ е српски поет, есеист, раскажувач и книжевен преведувач, роден на 16 октомври 1968 година во Белград. Автор е на над 800 песни, есеи и кратки раскази објавени во печатените медиуми и на интернет. Има објавено пет збирки поезија („Песни“, „Дрскост“, „Одбрана на Данајците“, „Даг“ и „Света Јелена“) и збирка раскази и есеи („Белград за упатени“).

Има преведено над 300 книжевни дела од англиски и француски на српски јазик, од кои повеќе од 120 романи, помеѓу кои и дела на Мишел Уелбек, Фредерик Бегбеде, Амели Нотомб, Леила Слимани, Џ. Р. Р. Толкин, Т. Корагесан Бојл, Ијан Макјуан, Хилари Мантел, Ен Енрајт, Жан-Мишел Генасија, Ерик Фоторино.

Добитник е на најреномираните награди за книжевен превод кои се доделуваат во Србија: „Бранко Јелиќ“ и „Милош Н. Ѓурић“, као и Наградата на градот Белград „Деспот Стефан Лазаревиќ“ за областа на књижевноста и преводното творештво. Од јануари 2018 година е потпретседател на Друштвото на книжевни преведувачи на Србија. Живее и работи во Белград.