Skip to content

Млекарката и грнето со млеко – Ла Фонтен

Перета, со грнето млеко на глава

И со исправена става

Одеше кон градот в зори пресни

Лесно облечена и без негде да запре

Со фустан прост и со чевли лесни

Врвеше по патот напред.

Таа си сметаше цело време

Колку пари од млекото ќе земе.

Сто јајца од добивката ќе купи

И триста пилиња од нив ќе излупи:

Сè одеше на нејзина страна

 

Јас лесно – мислеше – ќе ги хранам,

Ќе има во дворот доволно храна

Лисицата колку и да ми краде

Пак ќе остане за една свиња

Па колку ќе се угои,  човек ќе се најде

За да му ја продадам сосе тиња

Убави пари ќе ми донесе и се чудам:

Кој ќе ме спрече во одборот да чувам

За толку пари и крава и теле кое

Веќе го гледам: скока среде стадото мое?

И Перета потскокна восхитена, и право,

На грнето паѓа: збогум пилиња, свињо, краво!

Жената по земјата го гледа тажно

Богатството свое разлеано сето,

И трча да се извини кај мажот

Пред да биде истепана клето.

Така, повеста се претвора во шега,

Грне со млеко се вика сега.

Кој од мечти слатки не се сладел?

Воздушни кули кој не градел?

Занесот го фаќа секое срце чисто,

И мудрите и лудите исто.

Секој сони на јаве, послатко нема ништо.

Измама сладосна душите ни ги плени

Сè е наше на овој свет, сите сништа,

Сите почести и сите жени.

Кога сум сам, го викам најхрабиот на бој,

И ми го отстапува уплашен тронот свој

Ме избираат за крал, сите ме слават,

Круните се валаат врз мене секој час:

Но несреќа ме враќа на старата глава,

И пак Голтакот Жан си станувам јас!

Ла Фонтен, Басни, книга VII – Млекарката и грнето со млеко

Млекарката и грнето со млеко е рустикална басна каде на еден доста сликовит и забавен начин е прикажан животот на село. Таа е критика на илузијата, на животот кој ни е искривен под призмата на имагинацијата, на нашите чести размислувања за иднината без да сме присутни во реалноста. Она што ме привлекува во оваа басна е присутноста на човекот, а не на животните и можеме да забележиме дека тука е присутен и самиот писател. Исто така присутни се и исторски личности како (Пир, крал на Епир во IV и III век п.н.е.) и имагинарни личности како кралот Пикрохол од романот Гаргантуа на Рабле од 16 век.  Никој не е поштеден од имагинацијата, ниту кралевите ниту писателите, таа ги лажи и мами сите сите.

Исто така оваа басна е сатира на алчноста, на капитализмот кој секогаш нѐ приморува да сонуваме за пари и за слава.

Но, кога млекото се истура на малата млекарка, нејзините соништа исчезнуваат за миг, оваа мала незгода и го сменува целиот живот и сите соништа.  Во животот случајноста може да донесе и голема несреќа. Затоа, не треба да сонуваме за нешто толку многу уште пред да се случи, да се држиме до реалноста, да не бидеме како малата млекарка, тоа е пораката на големиот Ла Фонтен.