На 28.08 (понеделник), во 16 ч. во Центарот за Култура во Гостивар ќе се одржи промоцијата на најновиот роман на младата писателка Анастасија Лефкоска. Романот со наслов „Савески” е роман низ чии страници напишани во наратив на свеста се испреплетуваат бројни („табу”) теми, прашања и одговори.
Дејството на романот се одвива во Гостивар и Скопје – РСМ, во минатото, сегашноста и претпоставена иднина. Приказната се врти околу семејството Савески кое навидум изгледа среќно и успешно, но всушност е расцепкано и климаво. Ликовите и имињата се измислени и не се поврзани со реални луѓе што постојат.
Приказната започнува сосема обично: Г-ѓа Лилијана Савески ги собира исушените кошули на мажот ѝ, Глигор и во себе се навраќа на младоста која одамна ја одминала и на сите соништа кои ги заборавила. Позади неа, Јованка, нејзина пријателка од младоста, а сега вид послуга во куќата на судијата Савески, ги споредува двете верзии на Лилијана; онаа русокоса девојка која, иако беше пораснала на село во ептен сиромашно семејство знаеше одвреме-навреме да ја рецитира Емили Дикинсон и жената која сега се паничеше за непеглани кошули, рушење на репутацијата, непристојни бракови и центиметар прашина.
Понатаму, го запознаваме и Глигор Савески, судија пред пензија. Шармантен господин кој обожува млади девојки и никако не сака да подлегне на македонските стандарди и традиции, но сепак, без да примети го прави тоа. Марио Савески е синот на семејството. Дипломиран правник, пораснат со зборовите „Ова сѐ ќе е твое и ти ќе си одговорен за сите…Ти си најдобар…Гордост…Глава…Син“, растргнат помеѓу вредностите кои општеството и семејството ги наметнува и љубовта кон девојка од друга вера.
Марија Савески, позната само како Савески, е седум секунди постарата сестра на Марио, таа е дипломиран економист, работи како сметководител во приватна фирма во Скопје и живее сосем сама. Марија пак, е порасната на поинаков начин од Марио. Со зборовите, „Ти си женско – ќути…Ти си туѓа куќа…Ќе добиеш само спална…Кога ќе раѓаш.. итн.“,
Марија ја чувствува тежината на животот и се осмелува да го признае она што останатите го молчат, а тоа е дека семејството Савески има две тишини, едната е обична, а другата убива. Марија наоѓа утеха во разговорите со Оља, за која на почетокот не е сигурна дали навистина постои или само е фрагмент на нејзината имагинација.
Покрај семејството Савески, романот ги раскажува и приказните на десетина споредни ликови кои, далеку или блиску, сакале или нејќеле, на крај ќе се поврзат како една пајакова мрежа.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.