Ефтим Клетников (роден во с. Негрево, 1946 год.) — македонски поет, книжевен и ликовен критичар, есеист и преведувач. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје. Имал студиски престој во Париз (1979/80) како стипендист на француската влада.
Во својата трета збирка песни „Окото на темниот“ Ефтим Клетников го продолжува своето пеење полно со пантеистички восхит пред тајните сродности и врски што владеат помеѓу човекот и природата, помеѓу подземните и надземните нешта, помеѓу бесконечно ситните појави и сеопфатниот пулс на Космосот.
ОКОТО НА ТЕМНИОТ И ЉУБОВНИЦИТЕ (триптихон)
1
Слика во пролетната слика
На небото некој пали оган:
над шумите престанува да вее.
Лилјан ги допирнува снеговите:
бликнуваат низ зеленилото потоците.
Од сјај и пена сè е.
Се љубиме. Бакнежот ни е полн со вода.
По везден креваме воденици
за житото од нашиот непостојан Восхит;
чудесно лесен ни се чини каменот,
и не чувствуваме како ни ја притиска
Сенката што си ја заѕидуваме во темелот.
Грми над нас здравицата на Боговите;
Ведрината спуштила ѕвоно и во семето
еднаш што го однело невремето;
ластарот избива посреде гробовите.
(И светците на ѕидот, збиени во олтарот,
не издржаа пред Чудото на Вознесот.
Го отвориле гласот како презреан плод и пеат,
Големо Дрво им расне во молитвата;
Темните вокали се двојат, паѓаат во темелите
и секаат, заискруваат во каменот што трае,
а светлиот дел на песната, расшумен,
го крева покривот, и кубето во небото се сјае.)
2
Меѓуслика
Секое цветче пламна, засветка како жарче.
Ружата ни се наполни со озон и со молњи.
Но прегрме Пролетта над доловите,
и дрвјата, откако му дадоа тек на занесот,
ги згуснаа сенките во вировите.
И Летото и Есента, потоа,
целосно ги опфати единствено
беспрекорното око на Градинарот,
кој ги заклучи во амбарот плодовите
и легна да самува во Присојот
од Сјајот што го собрал.
(Но остана во срцето претежнато,
од поток-лед и лад што дува
да му листа, зелен, скришно Осојот.)
3
Отсутна слика
После столетија пак вее.
Зад нашата свест зинале просторите
и снег ги трупа, напластува горите.
Она лице што беше наше, сега не е.
Трепнуваме. Каков страшен Бог не сони?
Сјајната линија на Восхитот напукнала,
и нам стапката повторно ни се рони
во сеприсутното средиште на Зимата.
Ледена санта ни го приковала челото.
Сега сме сами; сосема спокојно
ќе ги сочека водите телото,
и сè што ќе се препознае во него;
Сосема спокојно ќе се нахраниме
со студ и смрзнат мрак,
за да може да ја издржи Светлината
модрото стебло на нашата воздишка
Идната Пролет, кога ќе избие
посреде Окото на Темниот,
на усните од Обновените Љубовници.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.