Неочекуваните пресврти во животот доведуваат до убави и незаборавни моменти понекогаш. Тоа го знаеја тие двајца, преземаа ризици за кои не беа целосно сигурни како ќе завршат. Неслучајната средба, заедничкото поминато време беа само почеток на нешто за кое ни двајцата не се сигурни кон каде ќе се одвива. Но погледите не лажеа, првиот спој на усните и она позитивно внатрешно чувство дека си го пронашол парот усни што сакаш долго да ги бакнуваш не беше залудно. Дали беа создадени еден за друг му ја дадоа задачата на времето да покаже.
Како утринска роса душите им беа чисти, неизвалкани, од зло недопрени. Само таквите треба да завршат заедно за светот да биде малку поубаво место за живеење. Грижата и нежноста што си ја покажуваа не можеше да се одглуми, беше реална, вистинска. Дали љубовта ќе се роди па ќе продолжи да живее и да цвета како најубаво пролетно цвеќе? Дали можеби е веќе родена, но постоеше страв да не биде изгубена?
Времето беше главниот виновник кој ќе ги донесе сите одговори на многуте прашања кои на двајцата им се мотаа во главите. Кожата ќе ги помни сите бакнежи, допири и треперења на телата измеѓу тие четири ѕида. Телата се соединија во едно, ништо друго наоколу не беше важно освен нив двајца. Времето запре во тие заеднички мигови и не се мереше во часови туку се мереше во задоволството што го чувствуваа додека беа заедно, еден покрај друг.
Со лицата си ги впиваа погледите за подобро да ги запомнат, со рацете си оставија печат за да ги потсетува на допирите, со телата се препознаа и споија за долго да се паметат еден со друг. Си подарија ноќи и денови за помнење за цел живот, во надеж дека ќе имаат уште заеднички моменти што ќе си ги приредат меѓусебно.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.