Skip to content

Рецензија за романот ,,Савески” од Анастасија Лефкоска

  • by

Впечатоците од најновиот роман ,,Савески” (2023) на младата писателка Анастасија Лефкоска полека спласнуваат и го заземаат своето место. Темата во романот предизвикува, метафорите звучат како поеми испеани тивко во ноќта, за да останат запаметени и од нив да ги согледаме своите слабости, стравови, но и своите предности.

Сите брзаат некаде уверени дека имаат време. Ве сакаат, жал им е, но реката едноставно влече, и тие заминуваат по патот на своите илузии и обврски, страсти и желби, сигурни дека смртта секогаш му се случува на некој друг. Романот ,,Савески” е приказна која дава одговор како животот да не ве боли и повредува толку многу. Читајќи го романот, неколку пати се запрашав за моите емоции, ставови, врски, согледувања, погрешки, а тоа е баш поентата на секој писател – читателот навистина да ужива во напишаното и да најде одговори на многуте прашања произлезени од раскажаното.

Романот претставува своевидна критика на човековата кревкост, искривени размислувања и вредности, реални ситуации кои кај читателот нема да предизвикаат ништо друго, но сочувство, потоци од емоции, прашања, многу прашања за нашето постоење и дејствување, начини да се помогне за надминување на истите. Сите ние се пресликуваме со ликовите, ги делиме истите судбини и размисли на обичните луѓе во необично тешки времиња и општествени прилики, го чувствуваме товарот на душите, кои писателката Лефкоска на многу реален начин ги опишува во романот.

Соочувањето со минатото, дознавањето на многу работи за своите најблиски и семејството, на главната јунакиња и донесува катарзична насока по која се води, за на крај излезот да го побара во заминувањето. Таа е целосно оформен лик, која на себе го носи бремето, кое тежи, толку ја има притиснато, што едвај ги поминува и живее деновите. Притисоците од јавниот живот, измешаните религии, работата, семејните прилики ќе придонесат за развој на настаните во непожелна насока. Лефкоска, која живее за уметноста, тоа го има донесено како врвен раскажувач, секогаш потенцирајќи го внатрешниот, интимен свет на ликовите.

Тука станува збор и за главните и за споредните ликови, кои придонесуваат за целосен шарм во наративот, посебен начин на пишување, кое во целост претставува одлична приказна, за која може многу да се пишува и зборува. Опфатеноста на приликите од секојдневието, кои не сакаме да ги гледаме, ги игнорираме, толку се реално, едноставно и необично интерпретирани, на моменти го наведуваат читателот да биде спремен да ја прифати улогата на двигател во околината во која живее, да носи одлуки кои ќе бидат важни за него како личност.

Иако се случува до поново време, дејствието на романот може да го сместите и порано, многу порано, затоа што карактеристиките на ликовите постоеле, сега, тука, ги гледаме околу нас, а сигурно и во иднина ќе се формираат исти судбини, кои ќе пловат по реката наречена живот.

Писателката Анастасија пишува на современ литературен јазик, но карактеристично за овој роман се некои зборови напишани на народен локален говор, кои навистина даваат посебна динамика и воодушевување во раскажувањето. Веќе како оформена писателка, кое се согледува од нејзините дела, како и од поривот и љубовта кон пишувањето, со сигурност читателите треба да очекуваат нови дела, кои ќе остават белег на времето во кое живееме, а и ќе заземат посебно место во современата македонска литература.

Писателката Анастасија Лефкоска на своевиден ненаметлив начин нѐ воведува во старо-нов свет, ни кажува и покажува дека некои амбиси немаат дно, сите тајни, претчувства на јунаците од романот умешно и успешно ги претставува на начин да се соживеете со карактерите, но и главната порака на романот за да се издвои доброто и лошото и да се надминат притисоците и влијанијата од традиционалното дејствување за еден подобар и квалитетен живот и свет. Романот ,,Савески” ќе ве воведе во свет во кој ќе ги запознаете границите на силата, моќта на семејните вредности и ќе го одговори најважното суштинско прашање на постоењето, а тоа дека човекот е жртва на своите вистини.

Пишува: Александар Михајловиќ, писател

Напишете коментар