Skip to content

На мојот пријател – Гордана Милојевиќ

Пријателе мој, тоа веќе не е за нас.
Тоа сеќавање што до ивица нè сроза,
Сега е веќе доволна и мала доза
За пат во минатата пеколност.
Онаа игра сурова, без милост,
Крши со детали, како чекан,
Една по една убави секвенци сече.
Обично бира вечер
Кога полесно те служи некој предмет,
Песна,
Самата помисла,
Кога е многу полесно тага да допреш,
Прегрнуваш бессмисла,
Како што ја прегрнуваше онаа која веќе ја нема;
Ново зошто секогаш нова стапица спрема.
И тоа се кругови, и вирови,
Нема кој тука не се давеше.
Издржи колку што трае, да допреш дно,
Ете, тоа е тоа. Испливај безбедно!
Само издржи, ќе помине.
И знаеш ти добро, повторно ќе намине,
Не те спасува ни жена, ни виорот,
Ни урнебес на душата твоја, ни мирот,
Тоа негде се сокрива, к’о да се изгуби,
Кога ќе тргне – не застанува, ти кинат заби.
Ќе те понесе низ пределите на една куќа весела,
Да ти покаже дека можеше да биде така.
Знае дека не се помируваш со – вака.
И знае каде си незаштитен,
Ти, грамада,
Седиш на зрно афион,
Од него поситен.

Српска современа поезија
Препев: Татјана Маженковска

На прашањето: Која е  Гордана Милојевиќ?, самата напиша:

„Гордана Милојевиќ е поетеса од сенка, долгогодишна „летечка професорка“ (денес тоа се нарекува „фриленсер“), која се умори и полека се повлекува од професорувањето, отстапувајќи ѝ место на поетесата, слушајќи го сè погласниот повик да се врати на местото на поаѓање од  каде ја скренаа разни животни околности.

Секогаш на ивица на нереалното, а препознатливо како да е од овој свет, најчесто посега по вечната тема – љубов, иако пишува и за уште по нешто.

Во светот во кој можам да бидам сè: и царица и келнерка, и дама и куртизана, и восхитена и понижена, семоќна и слаба, среќна и тажна, жена или маж, пишувајќи за она што нема никогаш да ми се случи, сигурно испишувам нечија историја, на начин како да е моја. Затоа и го сакам тој свет кој не ме обврзува на реалност, во кој секогаш и со самозадоволство можам да скокнам, па каде ќе застанам.

Важно е да знам да се вратам.“

Напишете коментар