Skip to content

Зграда број 33 – Наталија Наумовска

Магла. Темнина. Отчукувања на часовникот. Надвор темнината ја спуштила својата кожа врз улиците, прозорите. Мрачниот привид не изостанува. Тешко дишење. Уште потешки чекори. Чекори од качување по скали се слушаат во едната насока. Во долниот дел е тишина. Празнина. Подрумот не е достиглив, вратата што водеше до него беше закатена со катенец. Што ли се криеше позади таа врата, никој никогаш не откри. Мистерија којашто станарите никогаш не ја решија. По правило ним им следуваше простор во подрумот, но никогаш не го добија. Не можеа да ја отворат вратата помирени дека место за теглите туршија, полни кутии со стари работи, стари весници, прашливи предмети на полиците никогаш нема да можат да го имаат  во тој подрум.

Со текот на годините како сите да беа заборавиле дека воопшто тој постои во зградата. Сега се слушаат капки од вода, а надвор нема дожд. Можеби некоја цевка се расипала. Надвор се слуша кучешки лаеж заедно со звукот што го произведуваше ветрот. Звук од палење на автомобил заечи некаде во далечината, а исто и од пуштена правосмукалка. Од некој стан се слушна крцкање на врата. Мирис на тазе манџа се ширеше од друг стан од први кат или можеби втори. Се слушна и бебешки плач во некој од становите. Се слушаа и неколку машини за перење алишта во неколку станови токму во тој миг.

Ова значеше дека денот е недела, дури и ако не знаеш кој ден од неделата е, искачи ги скалите од приземје до петти и веднаш ќе ти стане јасно. Уметникот живееше на највисокиот кат во стан со голема тераса и убав видик. Неговото ателје беше на поткровје каде ги црташе актовите на жените што ги носеше во својот стан кој го отплаќаше на раати. Му беа останати уште пола од тие што ги плати, па мораше напорно да работи, да ги продава своите дела за да може да преживее.

Не му беше лесно, но уживаше кога со четката сликаше на платното. Не можеше да се замисли да работи било што друго. Имаше среќа што беше познат сликар со десетгодишно искуство позади себе, па работа за него секогаш имаше. Се подготвуваше за најголемата изложба, онаа со која ќе ја одбележи целата плодна работна деценија. Официјално беа изминале десет години откако почна да ги заработува првите пари од сликањето. А тој како да беше роден со четката в раце. Од мал нешто шараше по ѕидовите, потоа по тетратките, кога најпосле тргна во училиште го доби првото платно на кое можеше слободно да се изразува, а за кое учителката им предложи на неговите родители да му го купат. Приметлив беше неговиот талент, за тоа немаше сомнеж. Беше школуван сликар. Заврши ликовна академија во рок, па токму тогаш беше препознат кога го наоѓаше својот пат во сликарската уметност.

Му беше понудено да остане на факултетот како асистент меѓутоа тој го одби тој предлог. Сметаше дека работата со млади студенти би го исцрпила и со тоа би си одзел од енергијата што требаше да ја пренесе со четките. Ова накратко беше историјата за најпознатиот стан на најгорниот кат во оваа чудна зграда. Другите станови имаа своја посебна приказна. Интерсна историја имаше и станот на приземје во кој живееше чичко Коста сам со своите пет мачки. Секогаш се бркаше со нив, а ранеше и по некој пес што ќе го сретнеше пред зградата со број 33.

Жената на чичко Коста беше почината кога тој ранеше само три мачки, а откако го напушти прибра уште две за да му ја пополнат празнината што тетка Костадинка ја беше оставила зад себе. Тој можеше да се види само на неколку места. Наутро кога одеше по леб и го изнесуваше ѓубрето, кога ранеше мачки и кучиња, кога седеше на балконот топлејќи се на сонце или кога ѕиркаше од неговите прозори ако ти заскита погледот таму во некој негов прозор.

Станот му беше голем, простран, имаше простор за уште десет мачки. Но тој имаше одлучено дека може најмногу да чува пет. Во текот на денот ги пушташе еднаш да прошетаат, а тие послушно секогаш се враќаа по неколку часа чекајќи трпеливо да им ја отвори влезната врата. Чичко Коста вака уживаше во пензионерските денови. Ѕиркајќи преку прозор беше сведок на многу настани. На некои никогаш не можеше да им најде објаснување. На пример, каде одат мачките кога ги нема, каде се кријат и шетаат, со кого се сретнуваат. Тоа никогаш немаше да го дознае бидејќи најважно беше дека тие секогаш се враќаа навреме.

***

Таа недела во зградата со број 33 се случи нешто многу чудно. Беше зимно време, магловито, толку студено што дури студот влегуваше во коски. Се слушаа чекори од луѓе, но немаше никој по скалите. Чичко Коста неприметно си влезе во станот кај своите мачки и најверојатно веќе беше цврство заспан. Уметникот од најгорниот кат никако не можеше да се качи и да си влезе во својот стан. Беше преплашен. Како одеднаш при самото влегување во зградата да се најде на некоја театарска претстава каде што главниот глумец или протагонистот беше самиот тој. Доаѓаше од кафеана каде што имаше фрлено неколку чашки, но беше доволно трезен да размислува бистро и да си го најде патот до дома. Покрај силниот студ, звуците и мирисите што доаѓаа од становите, се слушаше некој чудникав звук на кој не му се знаеше потеклото.

Капките паѓаа, а не се знаше од каде, во ходникот беше магловито и се слушаа чекори на качување по сакли, а луѓе немаше. Уметникот стигна до четвртиот кат и сè уште ги слушаше тие чекори на качување по скали. За миг му се причини дека гледа некого, но пред него немаше никој. Стигна и првиот знак на страв. Ова досега не се беше случило. За првпат уметникот почувствува страв пред да влезе во својот стан. Дали таму ќе најдеше сè на свое место? Можеби некој му провалил и ги уништил сликите кои трпеливо чекаа да бидат продадени, па сега го чека него да влезе внатре за да го убие и да му се одмазди иако не знаеше зошто беше виновен.

Додека ја отклучуваше бравата помисли на минимум три можни сценарија што би се случиле ако некој му имаше провалено. Кога најпосле бравата се отклучи му олесна. Сè си беше на свое место, како никој да немаше влезено меѓутоа недостигаше незавршената слика на која работеше последно. Кога виде дека е извадена од штафелајот за малку се воздржа да викне силно: „Каде ми е мојата слика“? Беше сигурено дека не сонува, но немаше логичко објаснување каде би можела да биде сликата, на кое друго место, кога со сигурност таму ја беше оставил последно. Почна да ја бара налудничаво. Го провери секој можен ќош, преврте сè што можеше да достигне со очи и со раце, но последната слика ја немаше.

„Побогу, не сум пијан, не сонувам. Сликата нема нозе, штом јас ја немам префатено од местото, каде би можела да појде“? Никој немаше клуч од неговиот стан па затоа и таа опција беше исклучена некој да влегол и да ја зел сликата. А сликата сепак недостигаше. Се наежи целиот кога виде едно писменце на малата масичка. Мора да го оставила последната клиентка што ја црташе гола. Немаше друго објаснување. Претходно немаше писменце на тоа место. Го оставила таму додека тој беше во тоалет.

На писменцето пишуваше: „Следен пат подобро заклучувај ја вратата.“ Се избезуми. Значи сепак некој провалил. Но побогу, зошто би му била сликата некому посебно таква недовршена? Немаше одговор. Седна да размисли. Си тури една чаша виски и посегна по листата со телефонски повици. Сакаше да знае со кого разговарал во последните неколку денови. Се двоумеше дали да пријави во полиција. Се работеше за кражба, неприметлива. Друго во станот беше во совршен ред, недопрено, освен исчезнатата слика. Остана така со чашата во раце и неодлучноста што да прави понатаму. Застана за миг, излезе надвор од своите мисли и почна да халуцинира. Помисли дека немало никаква слика и дека тој не е уметник, на местото на сликите што беа убаво поставени едни до други гледаше различни животни.

Мислеше дека се мрднал од умот, а тој само претера со алкохолот и беше сведок на чудна случка. Откако се отрезни после неколку часови потонување во сон, со почиста глава проба да го одгатне решението на овој новонастанат ребус во неговиот стан. „Ако повикам полиција, што ќе им кажам? Еве ми недостига една слика од недовршен акт, ми ја зел некој, а никој нема пробиено дома“. „Ех, срање, може ќе помислат дека сум полудел, немам никакви докази“, си размислуваше уметникот. Не му беше до дополнителни проблеми, реши да остави така како што беше.

***

Во меѓувреме во зградата со број 33 чичко Коста се бркаше со мачките, сакаше да ги нахрани пред да си легне. Утредента повторно истиот звук можеше да се наслушне во влезот, но изгледаше дека никој од станарите не му обрнуваше внимание. Додека се симнуваше по скалите уметникот се сретна со чичко Коста. „Здраво чичко Коста, како си?“, му рече уметникот. „Арно е дете, ти како си? Кажи ми дали вчера вечерта забележа нешто чудно во влезов?“, чичко Коста го праша уметникот. Уметникот беше малку изненаден од прашањето, мислеше дека само тој забележал невообичаена атмосфера во зградата. Мислеше дали да му каже за сликата, па се премисли. „Ништо не забележав, освен дека беше многу темно“, излажа уметникот. Потоа продолжи по својот пат, а чичко Коста си влезе во станот. „Хмм, овој чичко од први нешто забележал, но што би било тоа чудно?“, се мислеше уметникот.

Додека одеше да го исфрли ѓубрето и да си купи цигари размислуваше во себе со некој голем наплив на емоции жалејќи и чудејќи се за сликата што му недостигаше. Кога поминуваше по тревата која водеше до контејнерот забележа нешто невообичаено потпрено до контејнерот. Застана за миг и ги протри очите, па просто не можеше да верува во тоа што го гледа. Тоа беше сликата што му недостигаше во домот, која не знаеше ни кој ја зел со сигурност, а со уште помала сигурност знаеше кој ја исфрлил во ѓубре. „Кој го направил ова?“, си помисли. „Како е можно?“, со неверување гледаше во недовршената слика. Одговори мораше да побара во клиентката чиј акт беше насликан и недовршен. Впрочем, голема веројатност беше дека таа ја исфрлила, но уметникот имаше многу загатки пред него кои требаше допрва да ги одгатнува.

Расказот „Зграда број 33“ е публикуван во третиот број од списанието „Современост“ за 2023 година.

Напишете коментар