Чекорев забрзано по улицата со намера да го фатам навреме меѓуградскиот автобус за превоз. Натоварена на грбот со преполн ранец, а во рацете торба за лаптоп во тој есенски, но сончев ден се движев со брзина поголема од мојот нормален од. Одејќи кон постојката ги забележував нервозните возачи кои брзаа некаде, а спротивни на нив беа тазе мајките кои безгрижно, полека и со леснотија си ги шетаа нивните малечки во количките. Бебињата мирно си спиеја во нивните легла, невини и целосно недопрени од лудилото на овој денешен свет. Како да беа во сопствен, потонати во мирен свет на соништата каде беа безбедни и без допир од надворешноста.
Најубава глетка на улиците што може да се види е мајки и татковци со нивните дечиња. Тоа е еден вид призор на надеж, иднина, невиност, безгрижност и растење. Спротивност на оваа глетка е онаа кога по улица полека чекорат баби и дедовци со бастумчиња, кои дошле речиси до крајот на нивниот пат, па со некој вид старечки спокој чекорат мирно држејќи се за раце уживајќи во староста. Спротивставености што предизвикуваат различни чувства кај набљудувачите. Поточно кажано кај оние луѓе кои се присутни кога чекорат и ги забележуваат минувачите околу нив. Додека кај останатите случјани минувачи овие глетки не предизвикуваат никакви чувства, сè зависи од окото на набљудувачот, психолошката состојба во која се наоѓа па и неговата возраст.
Додека чекав да дојде автобусот во меѓувреме требаше да поминат околу триесеттина минути. Изморена од брзиот од, кога застанав дишењето конечно почна да ми се стабилизира и стоејќи јас се одмарав. Моето љубопитно око го забележа чичкото кој беше облечен со престилка, најверојатно продавач во локалот каде се продаваше печено месо и останата храна, со метла ги чистеше големите жолти лисја коишто беа попаднати на тротоарот. Упорно и занесено ги чистеше лист по лист збирајќи ги во купче, неподигнувајќи го многу погледот од подот и лисјата што ги метеше.
Во еден момент задува силен ветер, прамените од косата ми се разлетаа наназад, за миг се почувствувв дека се наоѓам во некоја филмска сцена или снимање на некоја реклама за шампон, додека од другата страна на тротоарот половина од трудот од чичкото кои собираше лисја се наруши за миг. Тој смирено му пристапи на тој момент знаејќи дека е поразен од ветерот, па полека почна одново да ги собира лисјата во купче. Метеше така уште некој период додека не стана задоволен од сработената работа и потоа се повлече во локалот. Оваа несекојдневна глетка зборува многу за природата во есен. Лисјата пожолтени или златно-жолти ги напуштаат гранките, а честопати нема кој да ги смете и ние луѓето секојдевно газиме по нив додека пешачиме. Ако се размисли подобро постојат толку дрвја, што речиси е невозможно паднатите лисја да се соберат макар и илјада луѓе биле распоредени по улиците за да ги метат.
Ете толкава е големината на природата, таа и преку овој навидум мал чин на промена ни покажува дека не можеме да ја победиме, несомнeно е многу поголема од сите нас поединечно и заедно. Ова не е единствено борба со ветер на која посведочив. Сега ми се појавува една друга слика, дамнешна за друг вид борба со тој исто така дар од природата кој може да разнесе сè наоколу доколку посакаат временски (не)прилики. Во друга животна, а не филмска сцена пред речиси десеттина години, а можеби и повеќе, не ме држете за збор, исто така чекорев по некои улици, не се сеќавам точно во кој град беше тоа, дали Скопје или моето родно Кичево. Додека замислено како што најчесто си пешачам, целата потоната во своите мисли, застанав на пешачки премин.
Времето исто така чинам беше есено, наоколу беше влажно, но не врнеше дожд за среќа бидејќи во моментот немав чадор. Не беше многу ладно, но носевме есенски палта, а можеше да се видат и луѓе кои шетаат и без палто, кому како му одговараше. Додека чекав да поминат автомобилите пред да стапнам на линијата за пешачки премин нормално пред тоа погледнувајќи од двете страни за секој случај оти животот ми беше мил, од спротивната страна на тротоарот чекаше една девојка на околу триесет години облечена во сукња со тегет хулахопки, црни чизми и не се сеќавам што носеше во горниот дел бидејќи ми е избледено од сеќавањето. Само што стапна на пешачката линија задува толку силен ветер што ѝ крена добар дел од сукњата и сите можеа да ѝ ѕирнат под неа.
Ситуацијата ми падна симпатично смешна иако не се насмеав нормално. Девојката немоќна и тотално без да го очекува нападот на ветерот се засрами, само си ја спушти дигнатата сукња и продолжи да чекори по пешачкиот премин засрамена и изненадена. Се замислив на нејзино место и ми текна дека сум од оној тип на девојки што не претпочитаат да носат многу кратки сукњи и сфатив дека во иднина мала е веројатноста да ми се повтори истото сценарио. Сега кога сум на истите години со девојката од мојата меморија повторно пешачам задлабочена со мислите, но многу повеќе обрнувам внимание на сè околу мене. Забележувањето наоколу ми помага сопствените мисли да не ми се товар и малку да се оттргнам од нив, набљудувајќи ги нештата што ме опкружуваат.
Конечно после триесет минути се појави и автобусот, влегов внатре и седнав на седиштето кое беше празно до една помлада девојка од мене која носеше бела шамија на главата. Очигледно дека беше од друга вера, но во автобусот па ни надвор од него нема никаква врска кој човек од која вера е сè додека сме луѓе. Сите сме исти и еднакви пред Бога и пиродата. Внатре беше топличко, но за жал прозорот од страната на возачот беше расипан иако од него не влегуваше студ, но на секоја патарина возачот мораше да слегува од автобус за да плати патарина. Ниеднаш не покажа знаци на бунт или незадоволство, едноставно ја прифатил ситуацијата таква каква што е иако низ разговор со уште еден од совозачите кога го праша возачот слушнав како возачот му вели дека поправката на прозорското стакло не чинело многу пари.
Во тој момент направив паралела на други возачи со кои се имам возено и меѓуградски, но и во ЈСП. Сум посведочила секакви карактери, различни луѓе, па дури и начини на возење. Се сетив дека постои еден возач на кој пред неколку месеци му беше тешко да стане од седиште за да ги стави куферите во задната страна од автобусот, па моравме сами да ги креваме за да ги наредиме внатре, секој својот куфер. Којзнае уште колку такви возачи постојат. На некои луѓе тешко им е да ја извршуваат својата работа за која се платени, нема друг одговор. Други пак и покрај тешкотијата стискаат заби и си ја работат работата што мора да ја извршуваат. Поради мрзеливоста и ноншалантноста мрзеливиот возач се најде во овој расказ појавувајќи ми се како една спротивна слика на работливиот и вреден возач со кој денеска безбедно стигнавме ние патниците до посакуваната дестинација.
Слегувам од автобусот и го барам татко ми кој требаше да ме пречека со возило. „Еј тато, здраво, како си?“, го прашав додека влегував во возилото. „Добар сине, како помина по пат, многу се задржавте“, ми вели додека се префрлам кон возачкото седиште за да го бакнам на образот пред да тргнеме кон дома. „Убаво поминав, не правевме паузи по пат, но се задржавме малку повеќе бидејќи автобусот влезе во два града успат за да однесе и собере други патници, а надвор врнеше и шоферот возеше бавно, но пред сè безбедно“, изустив видно задоволна од патот. „Важно е дека стигна“, ми рече татко ми при возењето.
Потоа следуваа секојдневни разговори што се прават во автомобил кога некој ќе стигне од пат. Со мала разлика што нашето возило беше комбе, а не автомобил. Стигнав дома, го почувствував познатиот мирис на домот, мирисот на јадењето коешто мајка ми го спремила претходно, ги собув палтото и кондурите, ја прегрнав мајка ми и заборавив на ветерот којшто надвор продолжи да беснее, да ги турка лисјата и да им ги крева кратките сукњи на смелите девојки.
Октовмри, 2023
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.