Skip to content

Промоција на книгата „Патот на водата“ од Гордана Каракашевска на 12 декември во Градска библиотека „Браќа Миладиновци“

На 12 декември во спомен-собата на Миладиновци во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“-Скопје во 19 часот ќе биде промовирана најновата, трета по ред стихозбирка “Патот на водата„ на авторката Гордана Каракашевска. Поетската книга „Патот на водата“ е длабоко исконско емотивно патување, таа е автобиографска мапа каде земајќи ја водата како појдовна точка, поетесата навлегува во нејзината симболика и преку неа ја пресликува својата духовна состојба.

Книгата е инспирирана од Охрид, Охридското езеро, Струга и реката Црн Дрим, сите песни се настанати токму таму и токму затоа е и посветена на нив.

Промотор на книгата ќе биде професор Вања Таневски, а стихови ќе чита поетесата Катерина Гогова.

Книгата финансиски е помогната од Министерството за култура на Македонија, а издавач е Современост.

Во земјата на водата

Дете, ене ја реката.

Она наросено огледало во кое се огледува светот.

 

Погледни!

Нејзината вода е стакло врамено во сребрена рамка.

Во него се огледува мостот

и новата вегетација никната во пролет.

 

Не залудно свети сонцето

-гледа во нас.

Водата бесшумно гргори.

Ништо не е безбедно од нејзиниот налет.

Облакот сребрен ни е в око,

но замина, реката го зеде.

 

Под мостот спијат чуварите на темнината.

Далечни дразби вијат и не плашат,

но запомни, цвеќињата не паметат.

 

Над нашите глави

времето си минува како ништо да не се случува.

 

Во налетот на водата

реката како зора ќе распука

А ти, гранче си, утринско стебло.

Напишете коментар