Skip to content

Интервју со Емилија Миткоска: Парчиња накит по мерка на вашата фантазија

Овојпат тимот на Крајбреже.мк имаше задоволство да си поразговара со Емилија Миткоска, девојка чии изработки на накит изобилуваат со шаренило и креативност. Доколку сакате вашиот омилен херој, омилена книга или умерничко дело да стане парче накит, побарајте ја Ема и резултатот ќе биде повеќе од задоволувачки.

За тоа од каде црпи инспирација, како е да се има креативен бизнис во Македонија, прочитајте повеќе во интервјуто подолу.

Здраво Ема! Ни преставува големо задоволство што можеме да си поразговараме со тебе, па за почеток ќе те прашаме како се чувствуваш?
Емилија Миткоска:

Здраво, задоволството е мое што сум дел од Крејбрежје. Во моментов динамично и креативно, нели следи периодот на новогодишните празници и многу поклончиња за блиските, тоа значи раце полни работа, имам нови идеи па сум во порага по сè што е потребно да изработка на новите парчиња накит.

Како дојде до идејата да започнеш со сопствен бизнис за изработка на накит?
Емилија Миткоска:

На почетокот беше далеку од идеја за бизнис, беше само желба да изработам обетки што долго време ги сакав и барав, обетки со David Bowie, Jim Morrison и малиот принц. Видов работилница за изработка на накит со епоксидна смола и прашањето беше дали ќе можам да ги изработам овие парчиња накит. На потврдно-позитивниот одговор што го добив се пријавив на курсот. Кусот се случуваше во занаетчиската работилница во чаршија Артизан. Со времетраење од 10 часа, јас веќе ги имав изработено парчињата накит. Гордо и со задоволство ги носев рачно изработените обетки. Па тука почнаа прашањата од каде ми се обетките? Дали може да им изработам и нив? Дали може да се изработат обетки со мотиви од друга книга или бенд? Tоа беше и најава за оваа приказна со УрбанЕра што веќе 8 година се раскажува.

Колку е тешко да се започне бизнис кај нас?
Емилија Миткоска:

Искрено, јас сум член на комара на занаетчии, па тоа малце ги олеснува околностите, во смисла со годишните даноци што се плаќаат, и од друга страна што самата комора одганизира неколку пати годишно настани – базари, од продажен карактер на рачни изработки. Тоа се воглавно тематски настани согласно празниците што се ближат, па публиката веќе ги знае ваквите настани, каде и што може да се купи од вредните раце на сите занаетчии.

Социјалните мрежи, како подржувачи на малите бизниси, го олеснија патот на сите креативци. Секојдневните објави и фотографии на парчињата накит што ги изработувам брзо стигаат до публиката. Па се прават нарачки и тука.

Колку време ти беше потребно да се пробиеш на пазарот?
Емилија Миткоска:

Па еве после 8 години уште сметам дека не сум стигнала до таму каде што е местото на УрбанЕра на пазарот. Меѓутоа како што кажав и погоре, комората на занаетчии и социјалните медиуми некако на почетокот ми го олеснија патот. Спојувањето со други креативци што организираа настани. Учеството на базари, концерти, фестивали, настани, инсталации од различен карактер во голем дел од градовите низ државава, ми овозможија поголема публика и подобар пазар.

Што би им порачала на оние кои сакаат, но уште не се обиделе да започнат бизнис со рачна изработка?
Емилија Миткоска:

Силно да веруваат во својата креативност и идеја, зашто кога нешто сакаш бараш начин да го реализираш, ако не бараш само причина за истото да го одлагаш.

Од каде црпиш инспирација за твоите изработки?
Емилија Миткоска:

Неисцрпен извор за мојата креативност е музика и многу музика. Секогаш ама баш секогаш, што и да работам имам во позадина музика. Најразлични форми и звуци одекнуваат во оној меѓупростор во главата каде што струи творечката енергија; сите нејзини генијалци, почнувајќи од Морисон – неговата поезија и бунтовност, преку фантастичните трансформации на Дејвид Боуви, па до динамичниот танц на Џегер. Листањето на нивната повеќеслојност и комплексност како уметници, секогаш на различен начин ми ја разбудуваат креативноста. И секако инспирацијата ја наоѓам и во сите оние мали херои на денот, спротивни од правецот на вертото, кои секојднево ги среќавам, се грижат за вистинските вредности и ја акцентираат својата индивидуалност со сите нивни насмеани лица.

Што е она што е карактеристично за твоите изработки?
Емилија Миткоска:

Бројните соработки. Некако пак се се врти околу музиката, таа се провлекува низ целата приказна за УрбанЕра. Тоа пак донесе соработки со голем број наши музички бендови Фолтин, The Hounds, Баклава, Чалгија саунд систем, Ширшаја и музички фестивали Скопје и Охрид Kолинг. Соработките со неколку театарски претстави и театарски фестивали Силјан Штркот – Театарски фестивал за деца, МТФ- Војдан Чернодрински. Соработките со издавачки куќи и создавање накит од мотивите на нивните книги, меѓу подрагите соработки Верица Ацеска 19. и Паралел, Ана Стојаноска- Јас и Лин отпосле, Дијалози во еднина, Оливера Ќорвезироска- Улиците што ги нема, Александра Спасеска- Прости песни. Соработка со голем број уметници и илустратори, фестивали Со Марко на улица, When in Krushevo…

Оваа година на твојот накит беше отсликана темата на МТФ „Војдан Чернодрински“, „Враќање дома“ и беше претставен прекрасен накит со мотив булка. Дали сакаш да ни раскажеш какво беше тоа искуство?
Емилија Миткоска:

Фантастично искуство и мислам и една од најдрагите соработки. Благодарност најпрво до креативниот тим на МТФ „Војдан Чернодрински“, за тоа што ми дадоја голем простор за креативност и одврзани раце за изработка на накит како јас го гледам и доживувам визуелниот идентитет на овогодинешното мотото “Враќање дома”. Беа изработени прстенчиња, обетки, ланчиња, беџови, привезоци за клуч и магнети. Па така за прв пат во историјата на фестивалот секој можеше да си купи накит и да понесе дел од фестивалската магија. Земајќи ја црвената булка од фестивалското мото, создадов накит инспириран од радоста на играта и пркоста на креацијата, што ќе може да го носиме во текот на целата година, а не само оние 10 фестивалски дена.

Кој е твојот лајтмотив?
Емилија Миткоска:

Секој човек може онолку колку што може, но и малце повеќе. Тоа е она што ме води низ животот. Секогаш кога имам чувство дека сум на сигурно, одам малце подлабоко, каде нозете не го допираат дното (тоа е она малку повеќе), предизвикувајќи се себе си, дозволуваш да излезе таа доза за нешто повозбудливо што ме носи во нов предизвиик или кон нешто покреативно.

Твоја порака за читателите на Крајбрежје:
Емилија Миткоска:

Не оставајте да помине денот без ништо ново да научите или да создадете. Слушајте музика, бидете свои и креативни. Бидете различни од правецот на ветерот и секако носете УрбанЕра ако тоа уште не сте го направиле трк на фејзбук страната: УрбанЕра/UrbanEra и изберете го вашето ново омилено парче накит.

На Емилија ѝ благодариме за разговорот и ѝ посакуваме многу успех!

Напишете коментар