Skip to content

Салвадо Есприу – Обид за песна во храмот

Салвадор Есприу  ( 10 јули 1913 – 22 февруари 1985 година) е каталонски поет од Шпанија. Интелектуалец посветен на својата нација и јазик, бил еден од најголемите писатели на своето време. Oстави големо книжевно наследство, кое се карактеризира со неговите длабоки размислувања за смртта, болката и личниот идентитет. Неговите песни се засновани врз кабализмот и еврејските традиции, што е она што го прави неговото дело толку универзално и што веројатно му дава огромно меѓународно признание, иако пишува на малцински јазик.

Обид за песна во храмот

Ох, колку сум уморен

од беднава моја, стара и толку дива земја

и колку многу би сакал да се оддалечам јас

кон север,

каде што, велат, луѓето се благородни и чисти,

просветени, богати, слободни,

пробудени и среќни!

Тогаш, моите, родбината би рекле

прекорувајќи ме: „Како птица што го остава седалото,

таков е човекот што си оди од огништето свое“,

додека јас, веќе далеку, би им се смеел

на законите и на мудроста древна

на мојот народ клет.

Но нема никогаш сонот јас да го исполнам свој

и ќе останам овде до смртта.

Зашто и јас сум исто толку беден и див

и ја љубам сепак, со болка безнадежна,

оваа кутра моја,

валкана, тажна, несреќна татковина.

Препев: Матеја Матевски

Напишете коментар