Skip to content

Промоции на книга во Скопје и Велес – „Дождови во мај“ на Даница И. Лепојевиќ

Новата, трета по ред, книга на нашата поетеса Даница И. Лепојевиќ „Дождови во мај – сублимирани емоции со две лажички мед“ ќе биде промоворана денес, вторник, 12.12 во Велес (Тарантино клуб, 19.30ч.) и утре, среда, 13.12 во Скопје (Макка бар, 20.00ч.). Сензитивна и сензуална. Длабоко интимна и без задршка. Ранлива и храбра. Збирка создадена речиси во еден здив. Пишувана, растена и обликувана со многу искреност, страст, нежност и копнеж.

Книгата е во издание на „Полица“ и во неа авторката, која воедно е и психолог и јогин, ги презентира своите емоции создавајќи интерактивно и хибридно дело со уникатна структура во нашата книжевност.Поетска авантура низ стихови, дневнички записи и Инстаграм-рилови со ефект на вистински емоционален ролеркостер. Печатеното дело (стихови и дневнички записи) е проследено со Инстаграм страница на книгата полна рилови кои ја доловуваат внатрешна атмосфера на авторката во текот на пишувањето. Со необичниот и холистички пристап кон внатрешниот свет и кон творечкиот процес, ги поканува читателите директно и длабоко во интимниот дом на Даница, нудејќи ги сите медиуми за негово искусување: зборот и чувството, цртежот и звукот, фотографијата и видеото.

Или, како што вели авторката: „Збирка полна искрена ЈАС: расечена, искрвавена низ стиховите, распослана по страниците.“

Самите промоции, како и книгата, следат невообичаена линија на презенатација – промоторски осврт од страна на поетеса и психолог, говорење поезија, психодрамска изведба која ќе ја вклучи и публиката, проекција на кратки рилови.

За книгата ќе говорат поетесата Елена Пренџова и психологот Ана Чучкова. На настаните  стихови ќе читаат авторките Ирена Јурчева, Лили Арсова, Соња Карбева и Дора Попова Узуновски. А за психодрамскиот дел се задолжени психотерапевтите Ана Чучкова и Весна Димитриовска. И, како и секогаш, со огромно задоволство, најмногу ќе зборува и стихува самата авторка.

Даница Ивановска Лепојевиќ е родена во 1980 година во Велес. Своето основно и средно образование го завршува во својот роден град, а високото во Скопје на Универзитетот Св. Кирил и Методиј. Таа е психолог, наставник по јога, дула, советничка за доење, квалитативен истражувач и активистка за човекови права на жената и бебето при раѓањето. Текстови на наведените теми објавува во повеќе весници и магазини во земјата. Сега работи како трансформационен ментор за личен и духовен развој.

ФБ настан за Велес – https://fb.me/e/3HzROgXOd

ФБ настан за Скопје – https://fb.me/e/aQNmkQEk0

Напишете коментар