Лујза Лабе е француска поетеса која е родена во 16 век, за време на Ренесансата во Франција во градот Лион. Ќерка на богат јажар, била омажена за друг богат јажар.
Палатата во која живеела станала првиот литературен салон во Франција, што после неа останува да биде традиција во Франција до наши дни. Се верува дека нејзините љубовни песни, меѓу кои и оваа која ја споделуваме со вас, се посветени на убавиот и славен француски поет Оливие де Мањи. Пишува смела и трепетна поезија. Нејзини дела се: „ Дваесет и три сонети“, „Елегии“ и „Расправа за лудоста и љубовта“.
Живеам и мреам, горам
Живеам и мреам: горам и грешам
Топло ми е многу и сеедно ми студи,
животот постојано морници ми буди,
а мојата тага со радост се меша.
Одеднаш плачам и се смеам, се тешам
и во сласт поднесувам маки луди,
милиот мој си оди и цел свет ме куди,
се сушам и пак расцутувам ко цреша.
Така љубов непостојана ме носи:
и кога мислам дека најмногу ме коси,
болката тогаш ме напушта сама.
И кога чувствувам дека радости ме мамат
и дека желбата ќе достигне врв,
тогаш ме мачи болот на гревот прв.
Препев: Паскал Гилевски
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.