Skip to content

Извадок од романот „Живот без сведоци“ од Наташа Сарџоска

Извадок од романот „Живот без сведоци“ од Наташа Сарџоска во издание на Издавачкиот центар ТРИ. Неодамна авторката го промовираше овој роман. Прочитајте го извадокот во продолжение.

„Кристофер беше како болест. Кристофер беше смртна болест. Болест што ме зафаќа во рацете и во сѐ што допирам. Ми продираше низ ткивата како вирус. Ми се врежуваше во умот како заповед, како огорчена хипноза во темните понори на себепредавањето, ми пловеше низ крвта како загаденост, како отпаден материјал од клетките. Сѐ што почнував завршуваше со него. Кристофер беше илузионист, магионичар, блудник, заблудничар. Ме навлекуваше како вирус, но и во него тлееше бесмислен гнев. Сите имаат свои тајни демони, секое семејство има своја тајна болест, а јас го имав Кристофер. Кристофер беше човек кој немаше ништо, кој не сакаше ништо и кому не му требаше ништо. Беше задоволен со духовната немаштија, со оскудноста на душата. Ризикот да загуби сѐ му беше премија. Неговото срце беше затруено. Напнато, затегнато како лак пред да исфрли стрела. Моето срце беше студено, но неговото, ах, неговото беше загадено од омраза, осуди, предрасуди, љубомора, извитопереност, растроеност. Тој гнев му го замаглуваше умот, му го крадеше времето и го правеше слепец за сето она што можеше однатре да го смени..

Кристофер е нечовек и тој тоа добро го знае. На таа карта тој секогаш игра. Така се иззема од одговорност, така се искупува. Тој не знае ни за почит ни за самопочит. Затоа е предавник. Во неговата душа, ако воопшто и имаше душа, се беше вгнездил мрак, грчеви му го растргнуваа ткивото. Кристофер не знае поинаку да живее освен во измами и во самоизмама. Мојата самопочит е толку кревка, згазена, но јас умеам да почитувам. Го почитувам во неговата слабост и скршеност. Но најмногу од сѐ и најмногу од кога и да било, го почитувам животот. Зашто животот секогаш ми бегаше некаде каде што јас не сум можела да допрам или да досегнам. Човек што не го почитува животот, брзо старее. Првин губи свежина, па полека и добрина, потоа ги губи пријателите, блиските луѓе, стамината и строежот. Потоа станува мрзоволен и дрзок. Брчките го издаваат. Темните кругови околу очите, црниот венец околу неговата глава. Огорченоста. Очаеноста. Престареноста. Изветвеноста. Излитеноста. Бледоста.

Човек што го сака животот е секогаш млад. Човек старее кога се откажува од животот, кога врши предавство кон животот, кога не знае да се врати на неговиот извор, кога ранува и крши, кога се суши и срозува. Човекот не умира секогаш и само од природна смрт. Умира и од несимптоматична и недијагностицирана болест. Умира и од грешки за кои мисли дека се начела, и од предавства за кои мисли дека се победи, и од умор и од гнилеж, и од слепило и губење видик: умира кога себеси си го порекнува местото на изворот и изборот, умира кога мисли дека животот не настанува отаде хоризонтот. Умира кога веќе нема меморија. За никого. За ништо.

Сега, на овој самотен остров, со сожалување и сомилост кон себеси самата гледам во моето име. Ме нарекле Карла. Но моето вистинско име го нема. Не сум смеела да ја доживувам траумата одново и одново. И во ред е што ме смениле и преименувале. Нема сведоци за тоа време. Уште нешто друго живее во моето срце. Некаква магла. Некакво неразбирливо чукање. Нејасна цел. Така, доаѓа време во животот кога нема веќе да се важни одговорите на големите судбински прашања што упорно и тврдоглаво сме си ги поставувале. Тогаш не ни е веќе важна вистината за другите. Бавно ни се разјаснува и разбиструва сѐ, ама не е веќе важно, зашто ги нема долгите прашања. Важни се кусите зборови. Смислата на јасните неми нешта. Оти бесмислата закотвува, закатанчува, заробува. Бесмислата ми го задуши животот. Сакам да излезам. Кристофер сака да излезе од овој за да оди во друг затвор, но јас не. Јас сакам далеку. Надвор.“

Наташа Сарџоска на промоција

Романот може да се купи на следниот линк.

Биографија на авторката

Наташа Сарџоска е родена во Скопје на 16 ноември во 1979. Студирала, работела и творела во Париз, Милано, Тибинген, Лисабон и Брисел од 2005 до 2015 година. Иако тоа ја оддалечува од македонскиот јазик, контекст и култура, таа секогаш одбира да се враќа во Скопје. Докторирала социјална антропологија на Универзитетот „Еберхард Карлс“ во Тибинген, на Нова Сорбона во Париз и на Универзитетот во Бергамо, а магистрирала медиумски и комуникациски студии на Новиот Универзитет во Лисабон и на Универзитетот „Виа Домиција“ во Перпињан. Денес, живее и работи меѓу Скопје, Штутгарт и Мадрид каде што е професор на Глобалниот американски универзитет „Шилер“. Таа е и нерезидентен научен соработник на Центарот за напредни студии на Југоисточна Европа во Риека.

Ги објавила поетските книги „Сината соба“, „Кожа“, „Тој ме повлече со невидлив конец“, „Жива вода“, „Крстна коска” и „Часови по измама“, романот „Трамонтана“, раскази, колумни, интервјуа, есеи и академски трудови. Нејзини поетски книги во автопревод се објавени во САД, Италија и Мексико, а избор од нејзини песни се преведени и објавени на над дваесет светски јазици. Застапена е во поетски тематски антологии на тема граници и егзил, меѓу кои особено значајно за неа е италијанското издание „Лимен“ – избор на дела од уметници, поети и писатели од другата страна на Јадранското Море – во уредништво на Милена Бечи и Лорис Фери. За својата последна поетска книга „Часови по измама“ ја доби наградата „Книжевно перо“ во 2023 за поетска книга објавена надвор од Хрватска на 16. меѓународен книжевен фестивал „Денови на пријателите на книгата“ во Риека. Во Рим во 2021 ја добила наградата „Don Luigi de Liegro“ за посебни заслуги за творештво на италијански јазик, а во Неапол наградата од Издавачката куќа „Гвида Едиторе“, во 2021 за најдобра песна напишана на италијански јазик од странски автор. Во 2019 година е поканета во каталонскиот институт Рамон Љуљ на резиденција за писатели и преведувачи. Нејзината песна „Кукла на конци“ е објавена на англиски и шпански јазик во Меѓународната поетска антологија на поезија против злоупотреба на деца во издание на поетскиот меѓународен фестивал „Grito de mujer”. Настапила на меѓународни поетски фестивали меѓу кои најголемиот светски поетски фестивал во Меделин, „Ars Poetica“ во Националната галерија во Братислава,  фестивалот “Ritratti di poesia” во Рим, фестивалот „Parole Spalancate“ во Дуждовата палата во Џенова, поетскиот фестивал во Берлин во Академијата за уметности, „ Sha’ar Helicon“ во Јафа театарот во Тел Авив, Светскиот фестивал на поезија во Венецуела, фестивалот “Confines” во Хондурас како и бројни настапи во балканскиот регион. Освен на македонски, твори и пишува и на шпански, англиски и италијански јазик.

Наташа Сарџоска

Со проф. Имануел Бруне-Жаји ја уредила светската поетска антологија “Blurred and Political: Border Poetry” објавена при Универзитетот на Викторија во Канада, а со академик Катица Ќулафкова го приредила изборот од современа македонска поезија во Колумбија. Превела од италијански, француски, португалски, шпански и каталонски јазик стотици автори. Прва и единствена преведувачка е на македонски јазик на Пазолини, Маргарит, Сарамаго и многу други италијански, португалски, шпански и каталонски поети и писатели.

Како уметник, ги истражува пограничјата меѓу песната, танцот и поезијата: оттаму нејзините поетски рецитали се испреплетени со вокални експерименти, современ танц, импровизација и перформанси во придружба на меѓународни музички автори. Често престојува и твори покрај Охридското Езеро во Македонија.

Фото: Драгана Басекиќ

Напишете коментар