Skip to content

Си замина, но не си отиде – Наталија Наумовска

Си замина, но не си отиде, ти ќе бидеш присутен сè додека те спомнуваме и прераскажуваме за тебе. Ќе се потрудам споменот за тебе никогаш да не згасне. Многу работи останаа недокажани, а многу спомени непроживеани заедно. Сакам да ти кажам дека се обидувам да верувам дека замина на поубаво место. Ништо немаш пропуштено, а сепак толку работи се случија во меѓувреме. Денови исполнети со дневна рутина, а нема ден да не помислам на тебе. Твоето заминување боли исто како првиот ден. Се научив да го прифатам како неминовен животен процес кој ќе ни се случи на сите.

Секогаш ќе постојат мисли како „уште барем еднаш“ или „да поминев повеќе време“ со него, но Бог одредил дека толку време ни било дадено на располагање. Се сеќавам кога бев мала како ме држеше за рака и ми раскажуваше за твоето детство. Свежа ми е меморијата како ме држиш во скут на шалтерот од трафиката и решаваш крстозбор, а јас со мојата детска љубопитност те препрашував и ти се восхитував. Свежо ми е сеќавањето како со рани како ранет војник лежеше додека ниту еднаш не се пожали дека те боли нешто. Уште многу спомени се редат во мозаикот од заедничко поминато време и драго ми е што имав можност да ги доживеам со тебе. Ти благодарам што одбра да бидеш мој дедо.

Си замина, но не си отиде. Ќе се потрудам да бидеш бесмртен како моите песни. Ќе те оживувам со секој збор, со секоја реченица што ќе ти биде посветена. Твоето присуство недостига неизмерно. Си замина борејќи се, во ниту еден момент не се откажа, гордо чекореше до последниот здив. Твојот спомен ќе го чувам како непроценливо богатство и секогаш ќе раскажувам за тебе и за твојот живот. Од тебе можеше многу да се научи. Благодарение на тебе научив да бидам силна дури и кога ми е најтешко. Научив никогаш да не се откажувам.Ти благодарам за секоја споделена мисла и лекција што ми ја пренесе.

Овде ништо не е исто и сè е исто, се спаси од болката и верувам дека сега си на помирно место. Многу сакаше музика и да ме слушаш како пеам, секогаш кога слушам музика се сеќавам на тебе. Живееш преку музиката, преку зборовите што ги остави, местата што ги посети, спомените што ги направивме и делата што останаа зад тебе. Си замина, но не си отиде. Засекогаш ќе живееш во нашите срца.

Напишете коментар