Skip to content

Срѓан Секулиќ: „ЗАРИФ“

Моето име е Зариф Аледини. Роден сум на првиот ден од месец Рамазан, 1967 година, во селото Млике, општина Гора, на падините на Шар Планина. Од 1989 година живеам и работам во Нови Сад на „Високата техничка школа за стручни студии“, во скриптарницата. Вработените во таа школа, како и студентите, мислат дека сум Албанец. Неколкупати се обидов да им објаснам дека Албанците и Гораните не се ист народ. Попусто. Муслиманска вероисповед сум, моја земја беше Југославија, а химна „Еј, Словени“.  Сега немам химна, а ни земја.

Голем навивач сум за белградски „Партизан“. Не одам во џамија. Не сум бил дваесет и кусур години, откако се преселив во Војводина. Молитвите скоро ги заборавив. Наутро и навечер пред спиење ќе изговорам „Ел Фатиху“ со пружени дланки кон небото, затоа што само тоа ми остана во паметење. Куранот никогаш не сум го читал.

Во Нови Сад некои познаници ме викаат „сланина“. Јас не им замерувам за тоа. Верувам дека тоа е само шега. Се трудам да живеам мирно и работно. На работа секого го дочекувам со насмевка. Ќе се поздравам на убав начин и ќе потпрашам за здравјето. Иако од мојот народ има доста во Нови Сад, не се дружам со нив од една единствена причина. Затоа што не сум слаткар. Мојот татко беше сточар. И така е наназад со генерации во мојата фамилија. Уште како основец одлучив дека не сакам да бидам сточар и изразив желба да го продолжам школувањето. Татко ми ме запиша во средно училиште во Призрен, каде живеев кај вујко ми, кој со својата жена во тој град имаше слаткарница.

Бев солиден ученик. Со неполни 22 години се одлучив за потег на кој се одлучи деведесет проценти од мојот народ во текот на нашата историја. Печалба. Со пријателот и земјак од село Млике кој беше вработен кај мојот вујко во слаткарницата во Призрен, Таип Сулејмани, одам во Нови Сад во потрага на подобар живот. И така од 1991 година, после неколку променети работни места главно физички работи, запознавам човек со добро срце кој ме вработува во оваа високошколска установа во скриптарницата, каде и денес, 2016 година, работам. Работата не е тешка.

Главно  седам во малата просторија полна со стручни книги и скрипти, потпрен на лактите на масата, со дланките на образите и размислувам за фудбал. Ги следам сите лиги. Не одам во кладилници ниту некогаш ќе одам.  За мојата страст за фудбалот не разговарам со никого иако можеби би сакал. Таип е презафатен, а и фудбалот многу не го интересира. Работи по цел ден во својата слаткарница на Телеп која ја отвори непосредно по нашето доаѓање во Нови Сад. Таип своето слободно време го поминува главно со гулабите кои ги чуваше додека бевме на Косово.

Исто така, од родниот крај донесе и шарпланинец кој му го чува имотот и кој го води на прошетка скоро секоја вечер. Понекогаш ќе свратам кај него на чај и на тулумби. Само со него зборувам на „нашенски“ односно „горански“. Така му пркосам на тоа потполно да го исфрлам од употреба.  „Нашенски“ е едно од најстарите наречја на српскиот јазик и е многи сличен на македонскиот јазик.

Како што напоменав, мојот живот е сведен на работа и на фудбал. Понекогаш, кога сум расположен и кога е убаво времето, одам да го гледам ФК „Пролетер Нови Сад“, кој е сега во втора лига, поточно во „Прва српска лига“. Се случува со убавото време и играчите да добијат желба за фудбал, па дури и на тие ливади може да се види добар потег или некоја убава акција. Кога „Војводина“ игра со „Партизан“ на „Караѓорѓе“ ќе купам карта за западната трибина, ќе земам две кесички семки и уживам во најважната споредна работа на светот гледајќи го мојот најдраг „Партизан“.

Уште повеќе го сакам од причина што двајца мои земјаци ги бранеа боите на тој клуб. Фахрудин Јусуфи некогаш одамна, и Миралем Сулејмани во неодамнешното минато. Од кога сум овде во Војводина сè уште ми се нема случено на работа некој да ме отпоздрави на „нашенски“ па така никогаш посебно не тагував за родниот крај. Ми доаѓа некој ден така, главно пред „Ѓурѓевден“, да се зажелам за зелените ридови на Шара, зурлите и тапаните, ишараните млади девојки спремни за мажење кои играат оро.

Но брзо ќе се вратам во стварноста со помислата дека таму нема живот и дека така живо е само за Ѓурѓовден кога од сите страни на светот Гораните ќе дотрчаат во родниот крај. Мојата куќа во Гора зјае празна. Бидејќи сум син единец ми остана мене, но јас воопшто не сум ја посетил од 1999 година и оние судири кои тогаш се испослучуваа. Плашлив човек сум и не сум борбен. Никогаш не сум бил јунак и верувам дека војната никому не му донела добро. Додека бев мал, мојот дедо Абдулах ми зборуваше дека човекот својот ден треба да го исполни со работа, веселост и љубов. Дека единствено така ќе му биде драг на Алах. На тоа се држам и ден денес. Ги сакав расказите на својот дедо.

Ме заспиваше со бајка дека нашето семејство некогаш одамна дошло во Гора од Сирија, една далечна земја на Исток, со каравани и со камили, тргувајќи на овие простори со мириси и со зачини. Зборуваше дека се населиле тука на Шара затоа што биле одушевени од убавината на таа планина и непрегледните зелени пасишта. Тие тука изградиле џамија уште пред османлиските освојувања на Балканот и живееле мирен сточарски живот. Го научиле јазикот на кој зборувало локалното население од двете страни на Шара и им оставиле аманет на синовите никогаш да не го напуштат овој прекрасен крај. Подоцна, кога пораснав, сфатив дека таа приказна не била бајка. Дедо Авдо ја зборуваше вистината.

Во Истанбул, во архивите на градот, се чуваат записи на арапски дека во селото Млике во Гора арапска фамилија дошла со каравани и изградила џамија пред османлиските освојувања, дека живеела мирен и богоугоден живот. Покрај таа џамија, која е реновирана, има и нишани на тие доселеници испишани на арапски, што дополниелно ги потврдуваат зборовите на дедо. И така се одлучив да ја пишувам оваа исповед бидејќи после дваесет и седум години се затекнав себе дека секојдневно мислам на родниот крај, потеклото, Млике и Гора. Ноќе копнеам да го посетам семејниот дом, да слушнам езан од нашата мала џамија, да им платам на зурлаџиите и на тапанџиите да свират. Да ечи Гора висока, да пијам вода студена „од таја чешма шарена“ и тоа сè поради еден студент со кој имав средба пред некој ден.

Тоа момче на кое ни името не му го знам, дојде на прозорецот на скриптарницата да купи книга и рече: „Шо работаш земљак?“ веројатно пред тоа забележувајќи го моето име напишано на вратата од скриптарницата. Останав затекнат. „Прв Војвоѓанец кој сфатил дека не сум Албанец“ помислив во себе. Но веднаш после таа мисла увидов дека еден Војвоѓанец никако не може да знае „нашински“. Се претстави, од возбуда ни името не му го запамтив, рече дека е од Приштина, дека после војната дошол овде да живее со своето семејство и дека оваа година се запишал на оваа школа каде и јас бев вработен. Смер заштита. Гледав во него затекнат неколку моменти. Друго е кога зборувам со Таип, или било кој друг Горанин. Но ова е првпат да сум некаде далеку од мојот роден крај, од едно младо момче кое не е од мојот народ да бидам испочитуван на овој начин.

Очекував на тоа „шо работаш“ да додаде „сланино“. И би ми било полесно, затоа што тогаш би сфатил дека сè ова е само зезанција на еден момчак кој е добро информиран и кој истражувал за Гора и за Гораните. Но тоа не следеше. Стоеше насмеан, дури и среќен што видел некој од Косово и прозборел со него. Кога му ја подадов книгата која ја бараше, и понатаму молчејќи, додаде: „Благодарам, нека ти е аирлија“, ми пружи рака и замина.

И еве ме мене на работа во мојата мала скриптарница, го пишувам ова на бела празна хартија со А4 формат, мислам и мечтаам за мојот роден крај и чекам на тоа момче да му затреба уште некоја книга, тогаш да го гушнам, да му се заблагодарам и да изговорам:  „сè уште има луѓе на овој свет.“

Превод од српски: Татјана Маженковска

Срѓан Секулиќ (Приштина, 1993) е современ автор кој пишува поезија и проза.

Неговите кратки раскази и песни се објавувани во книжевни списанија и во зборници, како и на интернет порталите на просторот на некогашна Југославија. Преведени се на: албански, македонски, персиски (фарси), турски, руски, германски, маџарски, француски, влашки (цинцарски/армањски) и англиски јазик.

Објавени книги:

„Екот на кавалот“ („Kavalov jek“), 2019, збирка поезија во издание на  „Buybook“ од Сараево; награда „Мак Диздар“ за 2018 година која се доделува во склоп на фестивалот „Слово на Горчината“ во Сточ, БиХ.

„Грутче“ („Ugrušak“), мај 2021, збирка поезија во издание на „Arete“ од Белград.

„Оставинската расправа на Анастас Кон“(„Ostavinska rasprava Anastasa Kona“), април 2022, кратки прозни текстови во издание на „Imprimatur“ од Бања Лука, за која на крајот на 2023 година ја доби наградата „Миленко Стоичиќ“ во Мркоњиќ Град, БиХ.

„Чикма“(„Čikma“; ќорсокак; tur. Çıkmaz – без излез), август 2023, поетско-прозна збирка објавена во коиздание на „Buybook“ од Сараево и на земунскиот „MostArta“.

Пролетта во 2021 година, на конкурсот „Раскази од комшилукот 5“ во Бања Лука, ја доби првата награда за краткиот расказ „Давид, синот Исаков“.

Член е на ПЕН центарот на Босна и Херцеговина, на Друштвото на писатели на Босна и Херцеговина и на Црногорското друштво на независни книжевници.

Преведува поезија и проза од македонски и од бугарски јазик.

Срѓан Секулиќ во моментов живее и пишува во Сараево.

Напишете коментар