Skip to content

Таму каде што припаѓаш – Наталија Наумовска

Како суштинска потреба, а не сожалување,
како взаемно допаѓање и извор на привлекување,
со поглед да ми ги прочиташ сите недостигања,
со поглед да ти ги прочитам сите копнежи
и со една прегратка срцебиењето да се забави
да сме конечно дома, а било каде на светот.

Како длабока наклонетост,
како меѓусебно препознавање во толпата,
по чекорот да ме познаеш дека доаѓам кон тебе,
по чекорот да те препознам дека си ме чекал мене,
по многу погрешни чекори, сопнувања и паѓања,
да застанеме цврсто на земја, дланка во дланка.

Како искрена желба со години сонувана,
како сон мечтаен што чека да се исполни,
со трпелива смиреност те чекам знаејќи дека ќе дојдеш,
со нескромна надеж знам дека и ти ме сонуваш
ти непознат со толку познат лик
конечно пристигни таму каде што припаѓаш.

Напишете коментар