Skip to content

Интервју со Виолета Наумовска: „Преку приказните за деца им се обраќам и на возрасните“

На наше задоволство овојпат наша гостинка е Виолета Наумовска, поетеса и авторка на литература за деца. Виолета во својот авторски опус има неколку едиции сликовници за најмалите и збирки раскази за деца. До сега до најмладата читателска публика стигнаа:

Детски едиции:

„ОБЛАЧИЊА“ (сликовници): „Облачето Оцко“, „Нешто за Олеа“, „Оцко и Олеа“;

„ШУМСКИ ПРИКАЗНИ“ (сликовници): „Патката Паца“, „Дарежливото мече“, „Мечето чувар“, „Зајачица Лапачковска“, „Ежовата мака“;

„ЧУДЕСНИ ПРИКАЗНИ“ (сликовници): „Чудовиштето и златното дете“, „Девојчето со патиките“, „Баба Шеќерче и Емили“, „Господарот на соништата“;

Збирки раскази за деца:  „Огне“, „Време за желби“.

Авторка е на збирката песни:  „55 Чекори“ (2014).

Со Виолета разговаравме за пишувањето литература за деца, но и за проектите на кои работи и кои следат. Прочитајте го разговорот во продолжение!

Крајбрежје:
Виолета, добре ни дојдовте во Крајбрежје! Вие сте математичар, бевте професор во средно училиште и универзитетски професор, а сега ги живеете Вашите пензионерски денови кои се исто толку динамични како и оние кога бевте во редовен работен однос. Почнавте да пишувате многу порано, но се чини дека сега, кога сте пензионер, во целост се посветивте на пишувањето. Кажете ни од кога пишувате, особено од кога е Вашето внимание свртено кон најмладата читателска публика?
Виолета Наумовска:

Пишувам откога знам да пишувам… хаха… навистина, моите први раскази се напишани веднш после описменувањето, а првата песна беше за мојот починат дедо, тогаш бев второ одделение. Отсекогаш бев свесна за присуството на детето во мене, независно од возраста во која бев, а како сум повозрасна, очигледно засилено се дружам со него. Најмладата читателска публика ми е омилен аудиториум, некако најсоодветна, најслична на мојата природа, искрена во искажувањата, отворена за нови доживувања, радосна без причина, секогаш мотивирана за она што го сака. Всушност јас си се обраќам себеси кога пишувам за децата.

Крајбрежје
Како ги градите приказните и што е тоа кое сакате да им го пренесете на дечињата?
Виолета Наумовска:

Всушност преку приказните за  деца, јас им се обраќам и на возрасните. Децата учат, а возрасните се потсетуваат. Тоа се секогаш приказни со пораки кои децата можат лесно да ги прочитаат, да ги отпакуваат и секако, да ги применуваат.  Приказните се насочени кон потсетување, запознавање и живеење на човечки хумани вредности, поттикнување на емпатија, другарство, себепочитување, трпение, благодарност, со  еден збор Заедништво, кое им носи радост на сите кои се во него.

Крајбрежје:
Десетина години наназад Вашите сликовници се дел од едукативната програма во скопските градинки, но и во градинките во Велес, во Куманово, во Штип. Имаме впечаток дека децата се повеќе заинтересирани за видео содржини и игри на кои им недостасува едукативна содржина, но дали е тоа навистина така? Дали сте имале можност да видите како дечињата ги доживуваат Вашите приказни и колку сте успеале да им ја пренесете пораката која ја носи секоја од нив?
Виолета Наумовска:

Јас честопати сум гостин во некои градинки во Скопје, каде со радост сум дочекана од дечињата и нивните воспитувачи, а мојата радост од тие средби е немерлива. Особено кога ќе слушнам со каква љубов зборуваат за моите јунаци, а често добивам и интересни прашања, како, кога повторно ќе пишувам за нови авантури на јунаците. Воедно, и во секојдневната едукативна работа на градинките се користат јунаците од моите приказни, па децата често ги цртаат и преку цртеж се потсетуваат на пораките од приказните. И по  мое сознание од средбите, облачињата Оцко и Олеа им се најомилни, потоа Патката Паца, Зајчица Лапачковска, Мечето чувар, Ежето… со еден збор, моите јунаци станаа нивни другарчиња.

Дечиња во градинка

Крајбрежје:
Кажете ни нешто повеќе за тематските работилници кои ги направивте во градинките и резултатот од интеракцијата со дечињата. Од каде потекна идејата, каква беше соработката со воспитувачкиот кадар и на каков одзив наидоа, пред сè кај најмалите, но и кај нивните родители?
Виолета Наумовска:

Во градинката „Распеана Младост“ во Скопје, со која имам одлична соработка во изминативе години, изработив две сликовници по илустрации на децата, значи со користење на детските цртежи.  Цртежите се изработуваа тематски, на работилници кои јас ги водев на мое големо задоволство.

Првата сликовница „И ДЕЦАТА СЕ ЦВЕЌЕНЦА“, содржи мали, поучни, топли приказни за душа, кои треба да го доближат добриот збор и неговата употреба до децата. Втората сликовница, „СИТЕ СМЕ БАМБИНИ“, е резултат на проектот „СИТЕ СМЕ БАМБИНИ“, чиј носител е здружението „ДЕЦА ЗА ДЕЦА“. Тоа е интерактивна сликовница, полна со песнички кои може да се дополнуваат, приказни кои децата може да ги довршуваат, интересен квиз. И секако,  сето тоа заедно со родителите дома или со воспитувачите во градинката. Во текот на проектот децата учеа за почитување на мислењето меѓу себе, за правење избор во име на заедништвото, за животните како семејства.

Сликовниците ги издаде самата градинка, со што беа достапни до родителите и децата, а и до пошироката јавност. Интересот, а и благодарноста, од сите на кои овој производ им беше наменет, беа навистина големи, што е голема радост за мене. Ме прашавте за идејата: па кога си дете во душата, воопшто не е тешко, напротив без тежина и радосно си доаѓаат нештата. Така беше и со сликовниците.

Сликовница

Крајбрежје:
Приказните од Вашите сликовници ги „оживеавте“ во апликацијата „Добри Деца“ („Good  Kids“). Кажете ни нешто повеќе за креирањето на апликацијата и зошто родителите треба да ја преземат од платформата Play Store и да им ја понудат како игра на своите деца?
Виолета Наумовска:

Апликацијата „Добри Деца“, е прва едукативна, интерактивна апликација за човекови вредности на македонски јазик. Апликацијата содржи неколку подолги игри, каде децата активно учествуваат во авантурите на јунаците, дури и во носење на одлуки од кои зависи понатамошното дејство. Потоа содржи и неколку пократки игри со разни содржини, меѓу кои и за здравата храна,  а идејата водилка  е преку понудените содржини децата да се насочат кон она што им го одземаат, таканаречените модерни видео игри. Значи, потикнување на трпение, фокус, емпатија, пријателство, самоприфаќање, носење одлуки за заедништво.  Мемориските и логичките игри, освен забава, ги  поттикнуваат и сознајните процеси кај децата. На крај апликацијата содржи и СОНУВАЛКИ, десетина аудио приказни, со кои, со добра мисла и порака,  децата си заспиваат.

Апликацијата може да се користи најмногу 30 минути на ден, по што таа сама се исклучува, што е добар начин за стекнување трпение кај децата, а секако и добра насока за родителите во воспитувањето. Со еден збор, игрите се долги колку што треба и како што треба. Со ова се исклучува можноста од молења и притисоци од децата за уште и уште.

Нашата девиза е: Малку ред и многу Љубов.

Од сето кажано, мислам дека има повеќе причини заради кои оваа апликација треба да стане дел од воспитувањето во семејствата со мали дечиња.

Лого на апликацијата

Крајрежје:
Откријте ни што следно можеме да очекуваме од Вас. Нова книга? Проект?
Виолета Наумовска:

Еве нека биде најновото, во тек е спроведување на проектот „ТИМ БИЛДИНГ ФАМИЛИЈА“, во една од градинките во општина Центар, која воедно и го поддржа овој заеднички проект на задружението „ДОБРИ ДЕЦА“ и Здружението на просветни работници на Град Скопје. Главна цел на проектот е преку развивање на СВЕСНО РОДИТЕЛСТВО, градење на фамилијата како еден тим. Притоа се употребуваат алатки/содржини за развивање на способности и вештини  за свесно делување на целните групи, поврзани со: слободната волја на детето и свесните одлуки на родителот, градење на заедништво со почитување на индивидуалноста, семејната етика, вештини на убедување , постигнување на амбиент на негување и сл.

Крајбежје:
Судејќи според бројот на издадени книги, Вие повеќе сакате да пишувате книги за деца, а знаеме дека децата се најискрената читателска публика. Предизвик е да се пишува за деца, па Ве прашуваме да ни кажете некоја анегдота или случка при средба со дечињата која Ви оставила најголем впечаток или сте ја доживеале многу емотивно?
Виолета Наумовска:

На секоја средба со дечињата има многу гушкање. Генерациите од градинките си заминуваат, а мене секоја нова ме дочекува исто како и тие претходните. Со гушкање и со радување. Се сеќавам, еднаш на една работилница имаше едно многу активно, љубопитно детенце, кое постојано ми се обраќаше со полно име и презиме. Така, тој еден час не знам колку пати слушнав како ми се обраќа: Виолета Наумовска, Виолета Наумовска… јас тоа го доаживеав како посебно, сериозно оддадено внимание и уважување од него, па и така се чувствував, многу уважено, како да добивав некое директно признание. И така беше.

Секогаш е неописива убавина присуството на моите читатели на средбите, децата навистина се присутни кога нешто за нив е вредно. Е тоа е вредното за мене. Затоа секогаш сум мотивирана да пишувам, знам како ќе го примат мојот збор и мене, бидејки и јас сум како нив, јас сум дете кое сака нешто да сподели со нив. Јазикот ни е ист, затоа и разбирањето е големо.

Оцко

Крајбрежје:
Пишувате и поезија.  Ја издадовте збирката поезија „55 Чекори“ (2014), а Вашите поетски творби редовно ги објавувате на профилите на социјалните мрежи. Што Ве инспирира кога станува збор пишувањето песни и како би го опишале Вашиот поетски израз?
Виолета Наумовска:

Ја одбирам песната за себеискажување, како изразување кое ми овозможува директно, без ширење на темата, да ја искажам емоцијата. Ме инспирираат моите чувства, сакам да ги искажувам, сакам да ги поттикнувам и другите да се искажуваат. Најчесто емоцијата доаѓа од личните искуства, од сопственото постоење, но ние сме сите поврзани, па понекогаш моето пишување е резултат и на споделена емоција. Како и да е , Изворот е Еден, сите сме Едно, а сознанието за тоа доаѓа преку меѓусебното разбирање. И не треба со никого да се сложиш, доволно е да разбереш. Ние сите сме Едно а во тоа Едно се разликуваме според Емоцијата и Креативноста. И затоа се восхитуваме едни на други, ние сме блиски а далечни, Емоцијата и нашите креативни дела се тие кои нè поврзуваат во Едно.

Па ајде, нека бидеме ЕДНО!

Сликовници

Крајбрежје:
Крајбрежје е блог кој го негува убавиот пишан збор, па вообичаено нашите гости ги прашуваме што сакаат да читаат. Имате ли омилен жанр или автор на кој редовно се навраќате?
Виолета Наумовска:

Многу години читам исклучиво духовна литература, литература која те наведува патувањето да ти биде навнатре кон себеси. И имам десетина книги во мојата библиотека, на кои често им се навраќам. Меѓу нив се делата на Екарт Тол, како „Нова Земја“, „Тишината зборува“, „Единство со сегашниот миг,“ потоа книгите „Разговори со Бога“, практични прирачници за животното патување, од Нил Доналд Волш, па „Тибетантската книга за животот и смртта“, „Автобиографија на еден јогин“.

Од белетристиката, најчесто се навраќам на поезијата на Руми, Големата Црвена Книга 1 и 2, поезија која колку пати и да ја прочиташ, секогаш нешто ново разбираш и откриваш. Морам да ја споменам и „40  Правила на Љубовта“ од Елиф Шафак, од која научив многу нешта за Суфизмот чиј основоположник е токму Руми.

Им благодарам на сите кои допринеле овие книги да се најдат на македонски јазик во нашите книжарници, со што ни го олеснуваат патот до Вистината.

Крајбежје:
Која е вашата порака до читателите на блогот Крајбрежје?
Виолета Наумовска:

Па нека не остануваат на Крајбрежјето на својот Живот, нека нурнат во длабочините на себеспознанието, што подлабоко, толку повистинито за себе. Во животот добар дел посветуваме на учење, на постигнување знаење,  но суштината на Животот е во искусувањето, во искуството, без кое всушност и нема постоење.

Патувањето кон себеси нека им биде приоритет, секогаш.

Крајбежје:
Виолета, Ви благодариме што бевте наша гостинка и одвоивте време да одговорие на нашите прашања. Ви посакуваме од Вашето перо да излезат уште многу сликовници кои ќе ги радуват најмладите и уште многу успешни проекти. И многу успеси на сите полиња!

Напишете коментар