Skip to content

Автобус – Софија Величковска

  • by

Излитени седишта
поминати младости,
чудни белези и стари рани недопрени,
вода и кикиритки разлеани,
бели книшки изгубени,
жални погледи и девојки разочарани
бликаат низ прозорецот,
капки дождливи го успиваат
милното лице на веќе збрчканите лица,
мал свет составен од неколку луѓенца
со своја приказна,
своја тага,
своја радост,
своја болка
и своја мечта.
Расфрлани љубопитни погледи
и деца што место не ги држи,
баби што непрестано зборуваат
и ти!
Ти, изгубена во времето на бесконечното пристигнување до целта,
ти што во една рака држиш книга,
а во другата целиот твој живот.
Ти што не можеш да заспиеш од врева
и ти што се плашиш да потонеш во сон.
Ти што душата на ѓаволот си ја продала
и ти што си муза на моралот.
Ти што ти се гади од бесмисленоста
на човечките постапки и ти што уживаш
да се бараш во најубавите површини
на нашата земја додека се возиш со автобус.
Ти што плачеш без да се срамиш
и ти што ги криеш солзите,
ти што додека стоиш те туркаат
и ти што не можеш да поднесеш
да слушаш како се води политика
во автобус.
Ти што се имаш заљубено таму
и ти што си ги лечиш раните.
Во автобус.
Во времебус.
Во расчекор, чекор и на само чекор
до вистината!

Напишете коментар