Не го чекај онa што не доаѓа, не се изморувај од чекање. Не чекај никого, тој што треба да дојде нема да го чекаш. Не го чекај оној што не доаѓа, што те остава обвиткана во тишина и многу прашања неодговорени. Тој што ќе дојде нема да те збунува ниту да те натера да се сомневаш, биди сигурна. Девојко, избриши си ги солзите и зачувај ги за радосни мигови. Тој што те заслужува ќе те расплакува само од среќа.
Не го чекај оној што не доаѓа, времето ни е скапоцено за да го поминеме во целосна неизвесност. Минутите што поминале не можеме да ги вратиме, а сигурна сум дека ти не сакаш да живееш во заблуда. Она што е создадено за тебе ќе се појави без да го чекаш. Тоа ќе биде сè она што го заслужуваш и за кое потајно си сонуваше отсекогаш. Не се откажувај од твоите соништа.
Исполнувај ги твоите цели и чекори по патеките што се предодредени за тебе да ги искачиш. Верувај во своите способности, труди се и биди својата најдобра верзија. Верувај во себе, во својата сила, моќ и капацитети. Некој ќе те препознае. Ќе го препознае во тебе сè она што ти некогаш не можеше да го видиш. Некој ќе се пронајде во твоите очи сакајќи да ги гледа цел живот. И ќе има храброст да ти го каже тоа.
Не ги симнувај ѕидовите што си ги изградила за секого. Тие ќе ги сруши само еден, оној којшто ќе сака заедно со тебе да изгради империја. Дотогаш, гушни си се себеси и не чекај да си кажеш колку е убав животот. Колку е убав секој нов ден во кој можеме да ги отвориме очите и да погледнеме во прозорот вдишувајќи свеж воздух. Не чекај да си се заблагодариш за сè она што си го направила. За она што му го должиш на тоа малечко девојче на кое му вети дека ќе успее.
Не чекај ни минута за да си кажеш на себеси колку се сакаш самата. Не чекај никој да ти го каже тоа. Не чекај ни секунда за да го живееш животот по твоја мера. Не чекај друг да ти каже како да живееш. Не чекај ни миг за да му се радуваш на животот. Животот не нè чека, додека чекаме нешто – тој полека, но тивко си се движи кон последната станица.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.