Skip to content

Можеби спие – Владислав Петковиќ – Дис

Заборавив утринава песна една јас.
Песна една што во сон цела ноќ ја слушав:
Да ја слушнам пак, попусто се обидував,
Како песната да беше среќа, мојот спас.
Заборавив утринава песна една јас.

Во сон не знаев будењето каква е моќ,
Земјата дека бара сонце, утра, зори;
И дење ѕвездите губат бели одори;
Бледа месечина се движи во мртва ноќ.
Во сон не знаев будењето каква е моќ.

Сега едвај можам да знам дека имав сон.
Во него очи некои, небо нечие.
Некое лице, можеби детско, сечие,
Стара песна, стари ѕвезди и стар дневен ѕвон,
Сега едвај можам да знам дека имав сон.

Не памтам ништо веќе, ниту тие очи:
Како целиот сон да ми беше од пена,
Ил’ очите да се моја душа блажена,
Ни арии, ни сѐ што во сонот се случи;
Не памтам ништо веќе, ниту тие очи.

Но претчуствувам, само тоа сѐ уште знам.
Претчувствувам за очите, тие ме демнат,
Што чудно во животот ме водат и гонат:
На сон доаѓаат да видат што правам сам.
Но претчуствувам, само тоа сѐ уште знам.

Очи идат да ме видат, тогаш гледам јас,
Тие очи, таа љубови, тој пат на среќа;
Нејзините очи, лице, пролетни цвеќа,
Во сон гледам, но дали сѐ гледам во тој час.
Очи идат да ме видат, тогаш гледам јас.

Таа глава, коса круна и во неа цвет,
Погледот нејзин што ме гали, оживува,
Што ме гледа, што вели дека ме чувствува,
Што грижно ми пружа одмор и со нежност свет,
Таа глава, коса круна и во неа цвет.

Сега ја немам саканата, не ѝ знам глас:
Ни местото каде живее ил’ почива;
Неа и сонот на јаве ми ја покрива;
Можеби спие, гроб тажно и милува стас.
Сега ја немам саканата, не ѝ знам глас.

Можеби спие со очи вон светови зли,
Вон нешта, илузии, вон животна вина.
Со неа спие невидена убавина;
Може живее, ќе дојде по овие сни.
Можеби спие со очи вон светови зли.

Препев од српски: Татјана Маженковска

Слушнете како звучи на оригинал во видеото подолу.

Владислав Петковиќ – Дис (12 март 1880, Заблаќе – 29 мај 1917) e српски поет. Својата прва песна со наслов „Идила“, Петковиќ ја објавил на 1 јули 1903 година во „Српски книжевен гласник“ (Српски књижевни гласник) под псевдонимот ДИС, кој е преземен од средниот дел на неговото име ВлаДИСлав, иако постојат некои претпоставки дека псевдонимот е поврзан со „Пеколот“ на Данте, каде тој збор означува „град на болката“. Во 1905 година, Дис бил уредник на последните броеви на списанието „Книжевна недела“ (Књижевна недеља), а соработувал и со списанието „Нова искра“. Во 1911 година, на сопствен трошок, ја објавил збирката „Удавени души“ (Утопљене душе) за која познатиот српски критичар Јован Скерлиќ во „Српски книжевен гласник“ ја напишал најострата критика во својата кариера, нарекувајќи ја збирката лажен модернизам.

Во 1913 година, повторно како сопствено издание, ја објавил збирката со патриотски песни „Ние го чекаме царот“ (Ми чекамо цара) чие второ издание се појавило во 1914 година. Набљудувано во целината, оваа збирка денес е оценета како многу слаба, обилувајќи со празни и евтино патетични патриотски стихови. Својата прва песна по заминувањето во Франција, со наслов „Меѓу своите“ (Међу својима) Дис ја објавил во 1916 година, во „Српски новини“ (Српске новине), а истата година ги напишал и „Недовршените песни“ (Незавршене песме).

Напишете коментар