Сања Атанасовска е македонска новинарка и поетеса, родена е на 21 декември 1985 година во Куманово. Во 2015 година ја објави збирката поезија „Писмото на десетте прсти“ која ја доби наградата Лесновски ѕвона за најдобра дебитантска книга. Во 2017 година ја објавува електронската книга поезија „Тапија од животот“ на Фондација Македоника, а истата година ја доби и наградата Караманов за збирката поезија „Стаклена градина“. Стихозбирката „Стаклена градина“ има и аудио верзија. Во 2017 година го освоила третото место на книжевниот фестивал Панонски галеб во Суботица, Србија.
Во 2019 година авторката била на книжевна резиденција во Цетиње, Црна Гора. Во 2019 година Атанасовска ја објави збирката поезија „Шафране мој“ во издание на Слово љубве – букви букс од Скопје, а во 2020 година ја објави стихозбирката „Афродита трча по ветерници“ кај истиот издавач. Поетесата објавува поезија во повеќе списанија во регионот и пошироко.
Очи со боја на кафе
Еден облак падна во лозјето
еден човек зборуваше сам со себе
ридовите мирисаа на пожар,
а жителите на соседното село
ни го украдоа сонцето.
Пред мене имаше четири филџани
сите до еден ги испразнив,
премногу за еден ден
премалку за еден човек,
затоа носам очи со боја на кафе.
За тебе чувам сафири
Беше сакан, а несуден
сега си само добар пријател
ти што ја будиш пролетта во моите мисли
за тебе чувам сафири
кога другите ќе заминат
ќе останеш ти и твоите топли зборови
повредни од злато
пред да заспијам
ти праќам телепатски пораки
ти си сакан и посебен
за тебе, само за тебе чувам сафири.
Te нареков
Те нареков див ветар
и те пуштив да си играш
со моето перче
те нареков шумска јагода
и сакав да го вкусам
твоето црвенило
те нареков бел нарциз
и те оставив да се вљубиш
во самиот себе
но ти стана провалник во моите соништа
крадец на моите желби
и човек што ќе го следам
до крајот на светот.
Ме скршивте
Влеговте во мојата темна страна
без причина ме скршивте
фрливте сите по едно копје
врз мојата кадифена душа
тажното небо ми го скроивте
ми го ставивте над глава
ми ги земавте воздухот и водата
ми го заспавте срцето
да не чувствувам болка
на ситни парчиња
безмилосно ме скршивте,
а јас ќе замижам
и ќе простам како секогаш.
Минута презир
Им дадов години со љубов,
а ми вратија со минута презир.
Си ја гледам несреќата
во истуреното кафе
си го живеам животот
со прашања без одговор.
Преку прозорец од стакло
ми ја допираат раката за утеха
и во нивните очи летаат кукавици
добивам само минута презир.
Самотијата нема врска со професијата
нема врска со поезијата
ќе ги запалам сите лаги од хартија
дајте ми само минута презир.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.