Skip to content

Неизвесност – Гордана Каракашевска

 Гордана Каракашевска е еден од најуспешните автори кои годинава учествуваа на Меѓународниот поетски фестивал „Литературни искри“ во Гостивар. Таа беше еден од 12 финалисти и се претстави со песната „Неизвесност“ која ви ја претставуваме денеска.

Повеќе за авторот

 Гордана Каракашевска е родена на 31.01.1973 година. Таа е авторка на три стихозбирки за возрасни: „Скршен поет и други поеми“, „Куќа од хартија“ и „Патот на водата“; на романот „Разголување“ и на книгата со раскази „Сињор Џордано и размислувањата за…“. Пишува, преведува и препејува од англиски и италијански јазик на македонски јазик, и обратно, од македонски јазик на англиски и италијански јазик. Нејзината поезија е добитник на бројни награди во земјава и во странство, а како најзначајна досега ја издвојува наградата за најдобра песна на Поетскиот конкурс на третото издание на „Трка на Поезијата“ во Струга во 2023 година. Како авторка со својата поезија застапена е во бројни зборници и антологии. Во 2022 година била учесник на меѓународниот поетски фестивал во Саранда, Италија, а 2023 година била гостин-учесник на јубилејните 60-ти „Рацинови средби“ во Велес, Македонија. Нејзините кратки раскази се објавувани во периодиката, во списанијата за култура „Современост“ и „Стремеж“. Кога не пишува,фотографира. Хоби ѝ е фотографијата. Работи како библиотекарка во Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје.

Неизвесност

1 јануари 2024 година.
Светот е страшно место, запишувам во бележникот.
Светот е ужасен, а животот е краток како сон.
Секако, моите родители ова не ми го кажаа
исто како што јас за ова не му кажав на мојот син.
Како доказ, црно на бело запишувам во бележникот:
Светот е ужасно место, а животот е краток како страшен сон.
Зад секоја среќа се крие страшна несреќа,
По секоја кажана невистина испливува голата вистина.
Во овој свет, за секој збор има друг збор,
секоја љубов има своја омраза.
За секоја слободна птица, има птица што пее затворена во кафез.
За секое убиено дете, има дете што си игра во Луна парк.

Моите родители го криеја ова од мене,
исто како што јас го криев ова од мојот син.
Секако, за сето тоа дознав откако заминав од дома,
исто како што дозна и мојот син.

Нова година, нови планови, нови почетоци.
Нови цели, нови одлуки. Желби
со добра мисла, хармонија и благосостојба да зачекориме…
Во што?!?

Напишете коментар