Skip to content

Неслучајни случајности – Наталија Наумовска

Го гледам животот како минува
менувајќи сè со себе,
си велам не е случајно
неговото минување.

Се гледам себеси низ годините
минута по минута
ми се менува ликот,
не е случајно неговото менување.

Гледам наоколу мене,
лица со илјада маски,
луѓе што се пронаоѓаат,
луѓе што лутаат,
луѓе што будни спијат,
луѓе што се кријат од светот,
луѓе со крик за спас,
си велам не е случајно
нивното постоење.

Слушам музика и во секој стих
наоѓам парче од мојата душа,
си велам не е случајно
моето пронаоѓање.

Го слушам ветрот како зборува
зборови безброј, неслучајни,
го разбирам што сака да ми каже,
не е случајно сигурно.

Ми кажува за далечни детски сништа
за носталгијата која
надоаѓа во бранови,
за тагата што прави парампарче во срцето.

Ми кажува за казната што
секој грешник еднаш ќе ја плати,
за наградата што се заслужува чесно.

Неслучајни случајности се
сите средби меѓу нас за кои животот одлучил
дека треба да се сретнеме на исто место
во исто време, под исто небо.

Неслучајни случајности се сите мисли
што ти се појавуваат
и сите емоции што ти се јавуваат,
спонтано, неповикано, ненаметливо.

Неслучајна случајност е
оваа песна да се роди,
како неминовна желба за искажување,
како несопирлива потреба за творење,
како неслучајна вистина
дека случајности не постојат.

Напишете коментар