Избор хаику од збирката „Тишината е тука“ од Славица Милева ќе може да прочитате во продолжение. Авторката досега ги има објавено збирките:„ Тишината е тука“ и „Замижи сега“. Хаику песните во овој напис се извадок од циклусот „Скришната соба“.
Утрински копнеж,
очи стрништа бараат –
ех, кукавицо.
Кога те немам
во погледот, ме имаш
в сон. Наслушни.
Во мене зујат
брмчат, скаменети мреат
микросветови.
На седло од сон
дална ѕвездичка јава –
светулка сама.
Деновиве, и
ноќите ги спијам на
рати. Панично.
Ми гори срцето.
Жар-птица свила гнездо
во него. Мечта.
Сребрени ноќи.
В око солза, на раце
лек спомен. Збогум.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.