Skip to content

Снеговите на една љубов

Таа зима, самите снеговите ја донесоа љубовта. Повторно нешто неверојатно за овој затворен свет, кој не знае за неверојатности. Едноставно тоа попладне се случи нешто магично и сè почна да се менува. Гледав како акордите од танцот на вашите погледи, сè повеќе се забрзуваат. Како времето да имаше застанато и сега во вашите зеници се гледаше трејлерот на вашата љубов. Трејлер без крај. Тие акорди беа исполнети со драматизам, со тага, со среќа, но вие секогаш некако успевавте да го доловите ритамот и да ѝ покажете на судбината која седеше зад клавирот дека сепак го можете тоа.

Успеавте да се гледате очи во очи додека рефлекторите на уништувањето се обидуваа да ви го одвлечат вниманието и да ве струполат на земја. А татарите на разделбата да дојдат и во тој миг на несвест да ве разделат засекогаш. Во тој случај на ваша загуба, би се обиделе да ви ја ампутираат љубовта од срцата. А ако би успеале во тоа, судбината би излегла од зад завесата и би се поклонила пред луѓето кои со жар во очите го очекуваат уништувањето на една невина љубов. И би ракоплескале како никогаш во животот.

Сите би ѝ фрлиле овенати рози на судбината, додека таа со нејзиниот впечатлив фустан скроен од злобни кројачи со изморени и испукани дланки, ќе се вртеше наоколу со петтолинието во раката во кое би бил запишан вашиот пад. Подло би се смешкала бидејќи уништила нешто вредно. Но тоа беше сон. Ох, тоа е во умот, а вие танцувавте поубаво од било кога зад црвените завеси. Пред клавирот на судбината која прстите сè повеќе ги движеше низ клавишите за да ве збуни.

Ох вие преубаво танцувавте со вашите погледи под тоа зимско зајдисонце, кога се случи тој невозможен чин. Кога дури и сонцето се спои со месечината, кога мракот и светлината станаа едно на некој магичен начин. Кога кутијата со тајни се отвори, кога на животот му се даде нова смисла, кога пандорината кутија самата распука, едноставно кога ти девојко се заљуби во него. Тогаш сè се промени.

Ти веќе се имаше заљубено. Ох. Каква траги-комична касета беше тоа, испреплетена со некоја необична љубов, завиена во украсната хартија на неочекуваното и згора на тоа со машничката на неизбежната болка и повторно раѓање при самата смрт на твојата душа.

Кога ги одвоивте дланките, допирот уште долго време остана на твоите раце, кој во еден миг се трудеше да го измиеш. За тоа се согласуваше и душата на ѓаволот да му ја продадеш, а веќе во друг миг се трудеше сè повеќе да го чувствуваш допирот и да се соживееш повторно со него исто како и првиот ден.

,,Успеа ли на крајот да го избрише?” Ха, се насмевнувам на оваа моја констатација бидејќи секако дека на крајот сепак не успеала.  

Го слушав ритамот во кој чукаше нејзиното срце. Само јас и Бог знаевме колку силно те болеше душата од тогаш па наваму низ годините. Но знаевме и дека ти ужасно ќе се бориш за она што сакаш да го добиеш. Само многу се плашев во еден миг да не се откажеш. Се плашев да не паднеш и да не ѝ се покориш на судбината. Се плашев да не ја загубиш оваа вртоглаво тешка битка. Но те потценив. Ти си борец. Ох, ти си проклето силен борец.

В.С

Напишете коментар