Skip to content

Емина – Алекса Шантиќ

Ви ја претставуваме една од најубавите љубовни песни напишана на овие простори, посветена на славната убавица Емина која живеелa во соседството на познатиот српски поет Алекса Шантиќ во Мостар и го инспирирала да ја напише истата.  Кога за првпат ја прочитав песнава, како да ме врати во убавите стари времиња кога љубовта се раскажуваше и пееше толку искрено и чисто.

Уште повеќе ме воодушеви фактот што навистина Алекса Шантиќ  често поминувал покрај градината на Емина опиен од розите, јасминот и од нејзината убавина и така една вечер 1903 год. тој ја напишал песната која останала и денес да сведочи за нејзината убавина. Се разбира, таа има извонредна мелодичност и нејзината семантика, посебно турцизмите се спомен за едно време кога јазикот живеел во една сосема поинаква форма.

Текстот станал и музичка композиција и истата се изведувала насекаде како една од најпознатите севдалинки кои некогаш биле напишани.  Истата е дури и предложена да биде прифатена и како национална химна на Босна затоа што ги поврзува сите националности кои таму живеат.

Алекса Шантиќ (27 мај 1868, Мостар, Австро-Унгарија – 2 февруари 1924, Мостар, Кралство СХС) е српски поет кој творел на почетокот на 20 век и живеел во Мостар. Пишувал љубовна и патриотска поезија, која е објавена во неговите стихозбирки со наслов „Песни“ (Pjesme) и „На старите огништа“ (Na starim ognjištima).

Автор е исто така на неколку драмски дела и е преведувач и составувач на антологијата „Од германската лирика“ (1910). Го основал книжевното списание „Зора“ (1896 – 1901) за кое се смета дека спаѓа меѓу најмодерните и најдобрите српски книжевни списанија на преминот од 19 во 20 век.

Прочитајте ја „Емина“ во оригинал и превод на македонски јазик

Емина

Синоќа кога се враќав од топлиот амам,

Поминав покрај градината на стариот имам;

И таму, под една јасминова сенка

Со ибрикот во рака стоеше Емина.

 

Ох, колку е убава, проклета да е! Се колнам во стариот имам

Да биде и кај султанот, нема срам да ѝ е.

А кога оди, рамената како ѝ се движат…

Нема да ви поможи ни амајлија од оџа.

 

Ѝ реков селам, но, жими дина,

Не сака да чуе убавата Емина,

Во сребрениот ибрик водата ја лие

Во градината отиде рози да залие.

 

Се раздува ветрот и по тие прекрасни плеќи

Ги расплете нејзините плетенки густи

Како зумбул плав замириса нејзината коса

А јас замаен бев, ох како ли ме маѓепса!

 

За малку се сепнав, жими дима

Но, кај мене не дојде убавата Емина.

Само еднаш ме погледна луто

Не ѝ гајле што ја љубам лудо!

Превод од српски јазик: Маја Дојчинова Малиновска

Напишете коментар