Skip to content

Карантин – Софија Петковска

  • by

Затвори се.

Седни во твојата одаја молкум.

Скрши ги прангите.

Одмоткај го јазолот.

Смири го умот.

Ослободи ја душата да дише.

Срцето нека зборува.

Биди свој.

Затвори се.

Седни во твојата одаја молкум.

Напиши песна.

Нека биде љубовна, те молам.

Пишувај за Ромео и Јулија,

за витезот и принцезата,

за војникот и учителката,

за полицаецот и докторката,

за сонцето и месечината.

Затвори се.

Седни во твојата одаја молкум.

Но, отвори си ја душата.

Запрашај се:

каде бев?

Каде сум сега?

И каде ќе бидам?

Отвори си ја душата.

Не плаши се, соголи се пред себе.

Исчисти сè.

Стариот плакар.

Чиниите.

Прозорците.

Подот.

Душата.

Сè исчисти.

Нека сјае.

Затвори се.

Седни во твојата одаја молкум.

Свари си кафе.

И испиј го,

онака,

мерачки,

со сласт,

со часови.

Полека.

Нека ти ја опива душата.

Прочитај книга.

Прошетај со умот во други светови,

други димензии.

Затвори се.

Седни во твојата одаја молкум.

И плачи.

Плачи на глас.

Со солзи плачи.

Нек’ се излее тоа езеро кое го носиш во градите.

А потоа смеј се.

На глас смеј се.

Со солзи смеј се.

Нек’ боли и утробата ако треба.

Оти така треба.

Така е правилно.

Како дете биди.

Невино.

Среќно.

Затвори се.

Седни во твојата одаја молкум.

Пушти музика.

И не која било, туку онаа твојата омилената.

И танцувај.

Танцувај како никој да не те гледа.

Танцувај како да ќе нема утре.

И почни да готвиш.

Твоето омилено јадење.

И почни да црташ.

Да пишуваш.

Да вежбаш.

Затвори се.

Седни во твојата одаја молкум.

И сакај.

Сакај го тој до тебе.

Прегрни го тој до тебе.

Кажи му убав збор.

Играј си со своето дете.

Јави се и слушни му го гласот на оној кој ти вреди цел еден универзум.

И потоа…

Отвори ја портата.

И прозорецот отвори го.

Ма нек’ има промаја.

Нек’ има свежина.

Нек’ има светлина.

Отвори ја портата и излези молкум.

Животот е во тебе.

Живеј.

Софија Петковска

Напишете коментар