Фридрих Шилер е роден на 10 ноември 1759 година, во Марбах, во областа Виртемберг. Студирал медицина и работел како воен лекар. Потоа ја напуштил лекарската служба и некое време се издржувал од писателската дејност и од помошта на своите пријатели. Најпосле, станал професор по историја на Универзитетот во Јена, а последните години од животот ги поминал во Вајмар, каде починал на 9 мај 1805 година.
Иако не живеел долго, Шилер оставил богато творештво во повеќе области: песни, раскази, драми, историски дела и философско-естетички расправи. Шилер стапнал на книжевната сцена со драмско дело и го завршил животот работејќи на драма. Роден драматичар, најдобрите дела ги дал токму на полето на драмската уметност, а неговите драми спаѓаат во најдобрите остварувања на германската книжевност. Негови најпознати дела се:
„Разбојници“ (драма)
„Сплетка и љубов“ (драма)
„Дон Карлос“ (драма)
„Валенштајн“ (драма)
„Марија Стјуарт“ (драма)
„Вилхелм Тел“ (драма)
„Историја на триесетгодишната војна“
„Отцепувањето на Холандија од шпанската власт“
„За наивната и сентиментална поезија“
„Писма за естетското воспитување на човекот“
Уште додека бил жив, Шилер стекнал голема поетска слава која ги надминала границите на Германија. Како резултат на тоа, во 1792 година, парискиот Конвент го прогласил за почесен граѓанин на Француската Република. Но, по смртта, Шилер имал чудна судбина: од една страна, со децении бил немилосрдно копиран и цитиран, и тоа во толкава мера што, според зборовите на В. Мушг, „неговите дела понекогаш потсетуваат на изгазени панаѓурски ливади на кои не останал ниту една зелена тревка“.
Истовремено, неговото творештво било присвојувано и злоупотребувано од многу идеологии, а тој бил истакнуван како носител на германската национална идеја. Од друга страна, како поет, долго време, Шилер бил ставан рамо до рамо со Гете, но подоцна, неговото дело почнало критички да се преоценува.
Последната деценија од својот живот, Шилер ја поминал во блиска соработка со Гете, со кого имал богата преписка. Притоа, Гете го сметал Шилер за пријател и за рамноправен соработник, сметајќи го за „роден поет“ кој „облагородува сè што ќе допре“. Гете се воодушевувал на прогресивната линија во поетскиот развој на Шилер, велејќи дека „секој ден тој беше поинаков и посовршен“. Оттука, воопшто не треба да зачудува тоа што на споменикот во Вајмар, Шилер стои веднаш до Гете.
Како поет, Шилер почнал со љубовна лирика напишана во експресивен, патетично-сентиментален стил, својствен за движењето „Sturm und Drang“. Но, набргу Шулер преминал кон химнична философска поезија која врвот го достигнала во „Одата на радоста“ овековечена со музиката на Бетовен.
Шилеровата поетска личност пронашлна најоригинален израз во мисловната, идејната поезија, особено карактеристична за последната деценија од неговиот живот.
Тогаш, по повеќегодишна научна работа, тој повторно ѝ се вратил на поезијата при што најпрвин почнал со лирика, а потоа следувал процут на неговото поетско творештво.
Во хармоничниот спој на рефлексијата со лириката на зрелиот поет го одразува неговиот идеализам опеан во рамките на класичната форма. Притоа, во Шилеровата лирика преовладува мислата наместо чувството.
Сепак, најпознати негови песни се баладите во кои најлесно дошол до израз драматичарот Шилер.
Тие секогаш носат некоја идеја, која јасно произлегува од содржината, а збиената формулација ја добива во поентата. Притоа, со добра мотивација, Шилер умеел етички да го поткрепи дејството на баладите и да ги насочи кон одредена морален цел. На тој начин, неговите балади претставуваат етичко барање завиткано во уметнички компонирана драматика на самата фабула.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.