Десанка Максимовиќ (16 мај 1898, Рабровица, Ваљево, Кралство Србија – 11 февруари 1993, Белград, СР Југославија) била српска поетеса, професор по книжевност и член на Српската академија на науките и уметностите. Поезијата, расказите, романите, книгите за деца и низа есеи на Максимовиќ се преведени на огромен број светски јазици, а исто така поединчни песни од нејзиното творештво се влезени во голем број светски антологии.
Најчест мотив во поезијата на Десанка Максимовиќ е љубовта, зашто според неа секоја нејзина форма самата по себе е поезија. Често и обилно користи алитерации и внатрешни рими. Нејзино основно поетско мото е дека поезијата треба да биде разбирлива, јасна, искрена, отворена кон човекот и животот. Многу од нејзините песни претставуваат повик кон човекот да стане добар, благороден, горд, благороден, да ги почитува луѓето со други верувања и сфаќања, мислења, бои и вери и да биде строг спрема своите маани како и кон туѓите. Од вредностите во животот кои Максимовиќ ги велича, особено се истакнуваат, покрај љубовта, и верноста, храброста, добрината и некористољубивоста.
Какво е нејзиното творештво?
Десанка Максимовиќ не спаѓа во громогласните говорници и поети за светот околу себе, особено во првиот период од нејзиното творештво, туку таа зборува тивко и разговара самата со себе. Во почетната фаза, таа е загледана во себе и се држи далеку од светските настани. И токму со тоа, таа се издвојувала од нејзините современици: нејзините песни биле исполнети со љубовта, пролетта и младоста, делувајќи топло, непосредно и наивно-искрено.
Основното поетско чувство на Максимовиќ е младоста, отелотворена во пролетта и љубовта. Нејзината младост е страсна, но не претерано соголена; полна со гревови и чисти страсти. Во нејзините песни, љубовта не е нешто што еднаш се раѓа и еднаш умира, туку таа се обновува непрекинато, се прелива и претставува плима и осека на човековата душа. Во основа, поезијата на Максимовиќ значи восхит кон животот и затоа кај неа нема целосен пад и пораз, а минатото е присутно само како опомена, бидејќи она што доаѓа значи живот, нешто што носи убавина.
Подоцна, во нејзината поезија се јавува нов став кон животот и луѓето – враќањето кон родниот крај. Притоа, таа ја чувствува својата изгубеност во „злобниот свет“, но таа изгубеност нема ништо декандентно и песимистичко. Во таа смисла, ненаметливо, едноставно како игра во нејзината поезија се наметнува односот меѓу градот и селото.
Нејзината социјална поезија, заснована токму на тој однос, отскокнува од останатата српска литература во 1930-тите. Најпосле, од 1941 година, во нејзината поезија се јавува и нов мотив – љубовта кон својот народ и кон својата земја.
Неколку нејзини цитати
Во нејзина чест во продолжение споделуваме цитати и преводи на неколку песни.
1. „Се плашам кога ќе помислам дека ќе дојде последната недела од нашето дружење“.
2. „Најлесно е кога пишувам на јазикот, со реченици од својот роден крај“.
3. „Говори тивко. Птиците ноќеска пеат во наша близина и мене ми е жал да слушнат како во нечиј глас има солзи“.
4. „Како што љубовта во животот на една жена е важна работа, во делата на жена поетеса е најчеста содржина, најсилен поттик за пишување, најблагодарна инспирација“.
5. „Сè што ми се случило поради тебе, како восхитено живее во мене, и изгледа дека нема да помине“.
6. „Спокојството кое поетот го чувствува после испеана песна има душа, душа на шумски мир“.
Прочитајте ги и нејзините песни што ги избравме во нејзина чест за денеска:
„Пролетна песна“
Вечерва сеќавам, дури ги гледам ластовиците
и пупките рани,
како срцето лекум ми расте со птиците
ко видик во деној насмев што ги храни;
со билјето младо како е сè поголемо
и лесно ко крило,
и како едно небо цело среќа сторено
и пеколот на болот доволно не би му било;
како копнее по сè што животот би можел
убаво да му даде,
и ништо премногу да не му е, боже:
толку му се големи и копнеж и надеж.
Чувствувам дека досега сè беше сал шега
на срцетo мое врело,
дека уште никому љубов не сум дала
колку што би можела и колку би сакала;
дека има во мене цела нежна плима
зборови неречени,
дека од срцето мое да подарам имам
секому и пак доволно да има и за мене.
„Кој сака да доживее чудо“
Кој сака да доживее чудо
мора да има невино срце
како млеко,
не смее да биде вообразен
бидејќи такво суштество
да доживее чудо е тешко.
Кој сака детска радост да најде
мора да умее да му прости
на оној што му подметнува стапици и замки,
и тие ќе се претворат
во кочии, бродови
и во санки.
Кој сака да доживее чудо
мора да се радува како ластовичките,
мора да му биде дадено
да може и обилно да заплаче
и кога момчето ќе порасне.
Кој сака да доживее чудо
мора да верува дека тоа постои
секаде во светот,
дека покрај ѕвездите што ги гледаме
и невидливи ѕвезди се ројат.
Мора да верува меѓу гласовите
кои допираат до нашето уво
во тивката вечер
дека нив уште толку ги има,
дека и песните за кои немаме слух.
„Копнеж“
Сонувам дека ќе дојдеш:
Бидејќи миризливи се ноќите, а дрвјата разлистуваат,
и ново цвеќе секое утро раѓа;
бидејќи насмеви мили играат по вода,
и пролетното небо што од среќа блика:
Бидејќи пупат тополите, и како да сака
кон небото, полни топли, надошле жедни;
бидејќи во душата љубовта веќе се буди,
и со миризлив снег се исипува овошјето;
Бидејќи поради тебе копнежите пловат во воздухот;
цела природа Господ ја украсува за твојот дочек.
цвеќе, вода, магла, тополови вити,
сè околу мене те чека и повикува.
Дојди! Соништата мои во густ рој
Летаат кон тебе. Дојди, без тебе се тагува!
Дојди! Сè крај мене ќе ти даде насмев
и во сè ќе го забележиш мојот копнеж.
Слушнете и како звучи „Опомена“ од Десанка Максимовиќ прочитана на оригиналниот јазик на кој е напишана, на следниот линк.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.