Сања Атанасовска е новинарка и поетеса. Родена е на 21 декември 1985 година во Куманово. Добитник е на наградите Лесновски ѕвона и Караманов. Досега ги објавила збирките поезија „Писмото на десетте прсти“(2015), „Тапија од животот“(2017) книга која има само електронска верзија и е објавена на Фондација Македоника, „Стаклена градина“(2017), книга која освен печатена, има и аудио верзија, и „Шафране мој“(2019). Во 2017 година го освоила третото место на книжевниот фестивал Панонски галеб во Суботица, Србија. Атанасовска во 2019 година била на книжевна резиденција во Цетиње, Црна Гора. Објавува поезија во повеќе странски часописи.
Прочитајте ги нејзините стихови во продолжение.
Пишувам само со срце
Сакав да се откажам од мајка ми
и од мајката на мојата мајка
и од татковината,
но не ми одеше.
Нема да простам
ниту да заборавам
колку долго стоев во чекалната,
а потоа моите луѓе
моите раце ги исекоа
и оттогаш пишувам само со срце.
Грутка зборови ми тежи,
фали само уште еден зрак за целина,
а јас упорно
пишувам само со срце.
Заминување
Пред да тргнам на пат
си ја оставам душата на зрно од песок
мојата носталгија
е натопена во туѓо море
домот ми е претесен
и надежта пристига во вертикали
имаме по една ѕвезда во залог
а луѓето се како часовници
што заборавиле на себеси.
Добрите луѓе ме болат
Понекогаш
добрите луѓе ме болат
и неповикана доаѓа
гардата од емоции
на патот кон будноста.
Овој свет нема да го наследиме.
Излажи го своето срце дека си радосен.
Сакав да се видам среќна
покрај тебе,
а не знаев
дека љубовта
ја делев со други.
Лошите зборови
ампутираат дел од мојата душа,
и така помалку ме болат
луѓето со душа од памук.