Еден ден ќе ме препознаеш
Во излеаните бисери на морските школки
Ќе се сетиш на мраморните ноќи
Во кои воздухот имаше боја,
Црвената стана жолтеникав песок
Кој се излеа низ нашите прсти
И стана бисерна школка
Во која се огледувам кога станувам наутро
Но, ти
Ти можеби се присетуваш на мене
Само кога ги гледаш брановите
А тоа е толку ретко
Можеби и никогаш
Зошто твоето црвенило избледе
И срцето твое стана жолт камен
Дури и бисерот е жолт
Во твоите очи
И никој не ги разбира твоите крајбрежја
Кога застануваш покрај морските води
За да се сетиш на спомените.
Се сеќаваш ли?
Се сеќаваш ли на нашите крајбрежја?
Кога не можевме да го видиме залезот на сонцето
Без да побараме зрак светлина
Во морските води?
Се сеќаваш ли на безимените утра
Кога не ги знаеше погледите на другите
Освен мојот?
Кога се отрезнуваше од бессоните ноќи
Со моите очи?
Којзнае…
Можеби еден ден ќе ме сетиш,
Можеби ќе ме препознаеш
Во залезот на сонцето
Кога ќе видиш бисерна школка…
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.