После точно 57 години се потсетуваме на стравотниот земјотрес во главниот град кој не сакаме никогаш да се повтори. Ужасното тресење чиишто последици биле фатални по градбите и кобни по стотици животи го раскажуваат со децении наназад оние кои го посведочиле и имале среќа да го преживеат. Постојат многу приказни поврзани со овој немил настан, и сите изобилуваат со интензивни емоции.
На 26 јули 1963 година Скопје беше разурнато од земјотрес од 9 степени по Меркалиевата скала (6,1 според рихтеровата сеизмичка скала) кој траел 20 секунди, а помали потреси имало до пет часот и 43 минути. Скопскиот земјотрес се почувствувал на простор од околу 50.000 квадратни километри, низ долината на реката Вардар. Од потресот биле урнати 15.800 станови, а оштетени 28.000. Во пепелта беа изгубени 80% од градот, се загуби таканареченото „Старо Скопје”. Градот и после половина век живее со лузните на земјотресот, со траги и носталгија кои на моменти излегоа од контрола креирајќи романтизам во чувствата и идејата за новите објекти низ Скопје.
По земјотресот градот почнал да се гради по урнек по проектите на Кензо Танге и Адолф Циборовски. Првата помош за граѓаните на Скопје дошла од војската и граѓаните на тогашните југословенски републики и неколку дена по земјотресот започнала да пристигнува и помош и спасувачки екипи од целиот свет. Точно 87 нации од светот испратиле некаква помош во Скопје кои помогнале тој да се изгради повторно, поради тоа градот го носи и епитетот „град на солидарноста“. Во Скопје, за првпат во времето на Студената војна меѓу капиталистичкиот запад и комунистичкиот исток, се сретнале американски и советски воени сили кои заеднички им помагале на скопјаните.
Непосредно по земјотресот, претседателот на СФРЈ, Јосип Броз – Тито, изјавил: ,,Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме. Тоа ќе стане гордост и симбол на братството и единството, на југословенската и светската солидарност.”
Старата железничка станица денес е Музеј на Град Скопје и претставува симбол на големиот земјотрес.
Часовникот на станицата е засекогаш сопрен на фаталните 5 часот и 17 минути изутрина.
Според познатите податоци, во земјотресот загинале 120 деца. Една од првите мерки на градските власти било организираното евакуирање на скопските деца низ Македонија и низ СФР Југославија. За да биде евакуирањето поорганизирано, било формирано Одделение за народна одбрана при Градското собрание, сместено на игралиштето на ФК Работнички, а со евакуација биле опфатени неактивните жители: жени, стари и изнемоштени, инвалиди и сите деца до 15 годишна возраст. Вкупно 105.000 лица биле евакуирани по земјотресот, од кои околу 30 илјади биле деца.
На истиот ден починала и македонската поетеса Даница Ручигај при што од 2005 година во нејзина чест се доделува наградата „Даница Ручигај“ за најдобра дебитантска поетска книга.
Девојка со борбен дух. За неа откажувањето не постои како опција.